Маја и Никола се дипломирани ликовни педагози-вајари и иако ниту тие, ниту нивните семејства немале допирни точки со земјоделието, тие двајца се занимаваат и со одгледување на маслинки, бадеми и јапонски јаболка, а произведуваат и ладно цедено маслиново масло од сопствените маслинови насади
За маслиновото масло на Маја Крстева и нејзиниот сопруг Никола Дрнев слушнавме од луѓето кои имале можност да го пробаат, па иако ние досега не сме го пробале, веруваме дека заслужуваат внимание и само заради тоа што се веројатно единствените кои произведуваат ладно цедено масло од македонски маслинки.
Оние кои имале шанса да го пробаат велат дека е божествено, со интензивен мирис и вкус и изглед како течно злато.
„Идејата за ова е на Никола, од студентските денови, само чекавме поволен момент за да почнеме. Тој ги засади првите стебла во 2012. година. Маслиновите насади се наоѓаат во валандовското село Пирава. Во 2012. година се насадени 150 маслинови дрва, а новиот насад е со 100 маслинови дрва и ќе влезе во родност за две до три години“, ни раскажа Маја.
Таа има 38 години, а Никола 40 и живеат во општина Аеродром, во Скопје. По професија и двајцата се дипломирани ликовни педагози – модул вајарство. Маја е вработена како наставничка по ликовно образование.
„Нашето образование нема допирни точки со земјоделие, ниту пак нашите семејства се занимавале со земјоделие, па немаше кој да не подучи. Сѐ што знаеме за одгледувањето на маслинки и за производство на маслиново масло научивме проучувајќи странска литература, информирајќи се на интернет и секако, преку обиди и грешки“, вели Маја.
Сега одгледувањето на маслинови насади и производството на екстра девствено ладно цедено маслиново масло е фамилијарен бизнис, си помагаат меѓусебно, но имаат помош и од другите членови на семејството.
Нивните маслинови насади се со трпезни сорти на маслинки и сорти за маслиново масло. Дел од нив се: Мегаратики, Арбекина, Франтоио, а во иднина планираат да засадат повеќе италијански сорти, исклучиво за производство на маслиново масло. Имено, таква била и нивната првична идеја.
„Овогодишната родност на постариот насад беше 6 тона маслинки, се очекува во полната родност да има 8 тона, а плус и од новите маслинови дрва. Засега, пола од маслинките ги преработуваме за трпезна маслинка, а пола за маслиново масло.
hdrpl
Како секундарен производ, при процесот на екстракција на маслиновото масло имаме план да произведуваме и намаз од маслинки и да набавиме опрема за добивање на намазот и во иднина планираме да бидеме компанија која ќе произведува маслиново масло со најсовремена технологија по примерот на европските земји како Италија и Шпанија“, вели Маја.
Таа ја објаснува и целата постапка, почнувајќи од бербата на маслинките во текот на октомври и ноември, до првите капки маслиново масло.
„Маслинките ги береме рачно, но од наредната година се планира да се берат машински, со тресачи. Откако ќе се соберат се отстрануваат листовите, гранките и се мијат. Се ставаат во машината за екстракција на маслиново масло. Машината е нова технологија за добивање на ладно цедено екстра девствено маслиново масло. Колку е пократко времето од бербата до преработка на маслинките, толку е поквалитетно маслото. Затоа ние гледаме тоа да биде во најкраток рок, уште во истиот ден.
Машината работи во циклуси и извршува повеќе операции како што се: мелење, мешање (малаксација), пресување по пат на центрифугални сили, филтрирање и на крај – флаширање. Има капацитет за преработка на 80 килограми суровина на час.
За добивање на еден литар маслиново масло потребни се од 7 до 13 килограми маслинки, зависно од сортата. А нашиот просек е 10 килограми маслинки за 1 литар масло. Целиот овој процес во машината трае два до три часа за добивање на првите маслинови капки. Чувството е неописливо. Течно злато со интензивен мирис и вкус на маслинова свежина“.
Велат дека нивното масло не само што нема никаква разлика од оригиналните шпански и италијански масла, туку е дури и подобро и дефинитивно, сто отсто домашно.
Нивните планови се во иднина да го зголемат капацитетот на опремата, на маслиновите насади и, се разбира, на производството на маслиново масло.
Цената на маслото Мејд ин Пирава е 600 денари за литар, а продажбата засега се одвива само преку Фејсбук.
Оваа брачна двојка уметници, освен со одгледување на маслинови насади и производство на маслиново масло, се занимава и со производство на мед, а одгледуваат и јапонски јаболка.