Како да се храните поздраво и поевтино?

Фото: Unsplash
319

Дали е можно добро да се јаде, а притоа и да се заштеди? Секако дека е можно, а најдобро од сè е што на овој начин ќе се храните и поздраво отколку досега

Ретко кој човек не ужива во храната. Сите ние сакаме понекогаш да си купиме кроасан во омилената пекара, а понекогаш пак да седнеме и на вистински оброк во омилениот ресторан. Без оглед на кој начин се развеселуваме себеси одвреме навреме, важно е да се рационализира потрошувачката. Но дали е можно да се заштеди, а притоа и сè уште да се храниме добро? Да, можно е, а еве и како:

Првиот чекор е откажување од рестораните. Без оглед дали станува збор за ресторани за брза храна во кои трошите разумни суми или пак за подобри ресторани со поквалитетна храна, ако сакате да заштедите, откажувањето од јадењето надвор ќе биде првиот чекор. Ако не сакате целосно да се откажете, можете трошењето во ресторани да го сведете на еднаш до двапати месечно или помалку, само за некои специјални поводи.

Следниот чекор ќе биде правењето на попис на потрошувачката и одењето во продавница. Ќе ви треба еден месец за да сфатите колку всушност трошите, а потоа ќе можете да редуцирате. Намалете го одењето во продавница на еднаш неделно. Направете листа на намирници што ви се потребни и не отстапувајте од него. Секојдневното одење во продавница ќе резултира со купување на непотребни работи. Токму затоа е важно да имате листа која ќе ве натера да се придржувате кон неа. Исто така, во ниту еден случај не одете да купувате храна кога сте гладни.

Гответе дома. Тоа не мора да се раскошни јадења заради кои цел ден ќе стоите во кујна. Подготвувајте едноставни и вкусни јадења, како што се тестенините, оризот и слични, кои се готови за половина час и се одличен избор за брзински ручек, после работа. Готвените јадења се исто така едноставен начин за здраво уживање. Подгответе го зеленчукот од вечер, па кога ќе се вратите од работа само ставете ги во тенџере, додадете вода и оставете ги да се варат. Обрнете внимание тоа да биде зеленчук кој се готви побргу, а она што се подготвува подолго правете го од вечер.

Сварете повеќе житарки па направете салата за цела недела. Не ги фрлајте остатоците од печеното месо, тоа може да биде одличен додаток во сендвичите што ќе си ги подготвите за на работа или дел од едноставна и брза салата со зеленчук. Завиткајте го во тортилји или јадете го со некој нов, свеж прилог. Сварете поголема количина болоњезе сос, а потоа спакувајте го во пластични садови, покријте ги со фолија и ставете ги во замрзнувач. Истото можете да го правите и со уште многу други јадења. За брзи јадења одбирајте и добри намирници од конзерва, како грав, пченка и наут. Од гравот направете брзо вариво, од наутот вкусен фалафел, а од мешавината на сите три намирници, можете да направите одлилни тортилји. Во тој случај, нема да ви треба ни месо!