Квасецот не се користи само за леб и печива, туку е исклучително вреден извор на минерали и витамини и во минатото се користел како лек за некои состојби
Квасецот е мала едноклеточна габа која припаѓа на групата микроорганизми. Квасецот што се користи во исхраната има слични карактеристики, а најчесто се дели на пекарски и пивски квасец. Општо земено, квасецот е исклучително вреден извор на минерали и витамини: железо, магнезиум, фосфор, калиум, цинк, селен, фолна киселина, тиамин, рибофлавин, ниацин, пантотенска киселина и витамин Б6.
Поради високата содржина на белковини и витамини од групата Б, особено фолна киселина, се употребува во исхраната во случаи кога преку храната не се внесуваат потребните количества витамини. Квасецот особено се користел како лек во средниот век, бидејќи давал добри резултати во сузбивањето на скорбутот, гонорејата, заболувањата на женските полови органи, анемијата, стресот, акните и очните заболувања. Денес, освен што се користи за производство на пиво и пекарски производи, квасецот е познат и како средство против акни и разни кожни нарушувања. Поволно влијае врз имунитетот, бидејќи ја чисти крвта и црниот дроб од токсини и ги намалува воспалителните процеси во организмот.
Во книгата „Од пазар до лице“, ароматерапевтката Мери Новосел предлага неколку рецепти чија главна состојка е квасецот. Издвојуваме два рецепта за јадење и еден за лице.
Мини-крофни
Состојки:
- 1 лажица свеж квасец
- 2 лажици топла вода
- 1 и ¼ шолја брашно
- 1 шолја млеко
- 2–4 лажици путер
- 1 големо јајце
- 2 лажици шеќер
- 1 лажичка сол
- масло за пржење
За посипување:
- ½ шолја шеќер
- 1 лажичка цимет (по желба)
Подготовка:
1. Во голем сад измешајте ги квасецот и водата и оставете ги околу пет минути, додека смесата не почне да се пени. Додадете ги брашното, млекото, путерот, јајцето, шеќерот и солта. Месете додека не добиете мазно тесто. Оставете го во садот, покријте го и оставете го да отстои околу 30 минути.
2. Извадете го тестото и ставете го на мазна, набрашнета површина. Расукајте го до дебелина од околу 15 милиметри. Со поголема чаша или калап исечете кругови, наредете ги на набрашнета површина, покријте ги со крпа и оставете ги да нараснат уште 30 минути.
3. Во длабока тава загрејте неколку децилитри масло. Треба да биде жешко. Ставете ги крофните во маслото и пржете ги додека не нараснат и не добијат златно-кафеава боја, околу две минути.
4. Извадете ги и ставете ги врз хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија. Потоа извалкајте ги во мешавината од шеќер и цимет и послужете ги топли.
Мали лепчиња со кромид и рузмарин
Состојки:
- 500 г брашно
- 30 г свеж квасец
- ½ лажица шеќер
- 1 шолја млеко
- 100 г ситно сечкан кромид
- 1 ситно сечкано чешне лук
- 35 г путер
- 2 јајца
- 1 лажица сол
- 1 лажичка мелено морско оревче
- 2 лажици сушен рузмарин
Подготовка:
1. Потопете ги теракотните садови во вода.
2. Растворете го квасецот во млекото.
3. Додајте ги брашното и шеќерот во млекото со квасецот. Измешајте и оставете го тестото да отстои 30 минути.
4. Во смесата додајте ги останатите состојки и замесете мазно тесто. Оставете го да отстои 15 минути.
5. Обложете ги теракотните садови со хартија за печење. Во секој сад ставете малку тесто, најмногу до половина, и оставете го да нарасне околу 20 минути.
6. Ставете ги садовите во загреана рерна на 200 степени Целзиусови и печете околу 35 минути, додека лепчињата не заруменат. Исклучете ја рерната и оставете ги лепчињата во топлата рерна уште 15 минути пред послужувањето.
Маска од квасец за мрсна и нечиста кожа
Состојки:
- половина коцка свеж квасец
- 2 лажици млако млеко
Подготовка:
Во сад измешајте ги млекото и квасецот додека не добиете хомогена смеса. Нанесете ја маската на претходно исчистено лице и оставете ја да делува 15 минути. Потоа измијте го лицето со топла вода. Според авторката, по третманот кожата станува мазна и многу нежна. Маската може да се нанесува двапати неделно.