Дали куркумата и лутите пиперчиња навистина го продолжуваат животот?

Фото: Unsplash
1

Често се тврди дека лутите пиперки, куркумата и другите зачини се добри за здравјето, па дури и дека можат да го зајакнат нашиот имунолошки систем. Но, дали зачините навистина можат да придонесат за подобро здравје или да ни помогнат да избегнеме некоја болест? Во продолжение го пренесуваме текстот на Би-би-си, кој се обидува да даде одговор на ова прашање.

Зачините се дел од нашата исхрана илјадници години – сосема вообичаено е да ставиме бибер во компирите, да пиеме чај од ѓумбир или да додадеме лути пиперки во оброкот. Но, во поново време некои зачини неофицијално добија нов статус: од секојдневни состојки во кујната се претворија во супер храна на која ѝ се припишува моќ да лекува речиси сè.

Наводно, Хилари Клинтон јадела по една лута пиперка дневно за време на претседателската кампања во 2016 година, во обид да избегне болест.

Куркумата, која со милениуми се користи во Азија, се најде во кафулињата ширум светот во форма на таканареченото „златно лате“. За време на пандемијата, пак, на социјалните мрежи масовно се споделуваа тврдења дека може да го „зајакне имунолошкиот систем“ и да нè заштити од разболување. Во меѓувреме, кајенскиот пипер сè уште не се „опоравил“ од непромислениот детокс-режим на Бијонсе од 2006 година, кој препорачуваше пиење напиток од кајенски пипер, јаворов сируп, лимон и вода за слабеење.

Но, дали зачините навистина ја прават храната поздрава или ни помагаат да избегнеме болести? И дали некои од нив можат дури и да ни наштетат?

Здравствените придобивки од лутите пиперки: резултатите се противречни

Лутата пиперка е еден од најпознатите и најчесто користени зачини. Бројни истражувања ги испитувале нејзините потенцијални ефекти врз здравјето, но резултатите покажуваат дека може да биде и корисна и штетна.

Капсаицинот е главната активна состојка во лутите пиперки. Кога јадеме луто, молекулите на капсаицинот стапуваат во интеракција со рецепторите за температура во нашето тело и испраќаат сигнали до мозокот, кои создаваат чувство на топлина.

Некои истражувања укажуваат дека капсаицинот би можел да ни помогне да живееме подолго.

Едно италијанско истражување од 2019 година покажало дека луѓето кои четири пати неделно јадат храна зачинета со лути пиперки имаат помал ризик од смрт во споредба со оние кои воопшто не јадат лути пиперки.

Истражување спроведено во Кина во 2015 година, во кое учествувале речиси 500.000 возрасни лица, покажало дека консумирањето лути пиперки е поврзано со помал ризик од смрт. Оние кои јаделе зачинета храна речиси секој ден имале 14 отсто помал ризик од смрт во споредба со луѓето кои ја јаделе помалку од еднаш неделно.

– Главниот наод беше дека поголемото консумирање зачинета храна е поврзано со помал ризик од смртност, особено од рак, срцеви и респираторни заболувања – вели истражувачот Лу Чи, професор по нутриционизам на Универзитетот Харвард.

Ефектот се акумулира со текот на времето, но ризикот од проблеми со помнењето е речиси двојно поголем

Сепак, важно е да се напомене дека кинеското истражување ги следело учесниците во просек седум години. Дури и ако лутите пиперки имаат заштитно дејство, најверојатно станува збор за ефект што се акумулира во подолг период, а не за неколку недели или месеци.

Истражувањата покажале и дека капсаицинот може да го зголеми количеството енергија што го трошиме и да го намали апетитот. Но, не сите наоди се позитивни.

Зумин Ши, вонредна професорка на Универзитетот во Катар, ги истражувала ефектите на лутите пиперки врз когнитивните функции и открила дека луѓето кои јадат повеќе лути пиперки имаат послаби когнитивни способности.

Овој ефект бил најизразен кога станува збор за помнењето: внесувањето повеќе од 50 грама лути пиперки дневно било поврзано со речиси двојно поголем ризик од проблеми со помнењето, според самопријавените податоци на испитаниците.

А што е со куркумата?

Друг популарен зачин за кој се смета дека е корисен за здравјето е куркумата. Нејзините наводни придобивки во голема мера му се припишуваат на куркуминот – молекула што се користи како алтернативно средство за третирање воспаленија, стрес и многу други состојби.

Сепак, нема убедливи докази дека куркумата е добра за здравјето.

Бројни истражувања покажале дека куркуминот има антиканцерогени ефекти во лабораториски услови. Но, лабораторијата е многу поинаква средина од човечкото тело. Истражувачите велат дека биорасположливоста на куркуминот е премногу ниска за вообичаените количини што ги консумираме да имаат какви било здравствени придобивки.

Кертин Нелсон, поранешна истражувачка во Институтот за терапевтика и развој при Универзитетот во Минесота, го проучувала куркуминот и заклучила дека тој е „ужасна“ лековита молекула бидејќи не е биолошки достапен. Тоа значи дека организмот не може да го искористи откако ќе го свари.

– Тенкото црево не го апсорбира лесно, а неговата структура може да се промени кога ќе се поврзе со протеините во тенкото и дебелото црево. Како последица на тоа, нема некоја конкретна корист – објаснува Нелсон.

Клучот е во медитеранската исхрана

Лутите пиперки и куркумата се опширно истражувани, но во најголем дел од студиите само се споредувале податоците за нивното консумирање со различни здравствени резултати. На тој начин не може да се утврди што е причина, а што последица.

Тешко е да се разграничи поврзаноста од причинско-последичната врска. На пример, споменатото италијанско истражување од 2019 година, кое открило помал ризик од смрт кај луѓето што јадат лути пиперки, било набљудувачко. Затоа е невозможно да се знае дали тие живееле подолго токму поради лутите пиперки, дали луѓето кои и онака биле поздрави имале навика да јадат повеќе луто или, пак, станувало збор за нешто сосема друго.

Еден од можните одговори лежи во фактот дека лутите пиперки се вообичаен дел од исхраната во медитеранските земји, вели авторката на истражувањето, Маријалаура Боначио.

– Лутата пиперка е вообичаена во медитеранските земји. Најчесто се јаде со тестенини, мешунки или зеленчук – објаснува таа.

Тоа е само еден пример за тоа како зачините можат индиректно да бидат корисни – се консумираат заедно со мешунки и зеленчук. Многу истражувачи веруваат дека здравствените придобивки што им се припишуваат на зачините всушност потекнуваат од храната со која ги јадеме.

  • Замена за сол: Зачините често се користат наместо сол, со што се намалува внесувањето натриум. А тоа само по себе е здравствена придобивка.
  • Конзервирање: Зачините се користат и за конзервирање месо, со што храната може да стане помалку штетна, но не поради нивното директно благотворно дејство врз организмот.

Иако златното лате нема да ни наштети, можеби е подобро да додадеме малку зачини во зеленчукот. Но, секако, не треба да се потпираме на зачините како начин за избегнување или лекување каква било болест, пишува Би-би-си.