За локалните производители на здрава и традиционална храна, за предизвиците со кои се соочуваат, но и за нејзините здравствени и економски придобивки, како и за искуствата во ЕУ, а особено во Словенија, се зборуваше на денешната конференција во организација на Слоу фуд Водно и ДМВЦ. Меѓудругото, ова беше можност младите фармери да си разменат информации за тоа каква музика им пуштаат на своите животни
Здруженијата Слоу Фуд Водно и Добредојде Маседониа Велкам Центар, денес, во присуство на г. Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Македонија и г. Милан Предан, амбасадор на Република Словенија во Македонија ја одржаа конференцијата „Од органска и бавна храна до зелена планета“.
Организаторките на настанот Емилија Миладинова Аврамчева, претседателка на ДМВЦ и Василка Стефановска, член на Националниот одбор на Слоу фуд Македонија и претседателка на Слоу фуд Водно, го дадоа воведот и ја објаснија целта на проектот – да ја подигне свеста за потребата од иновативни форми на производство на храна кои ќе бидат ослободени од употреба на пестициди и други хемикалии кои се потенцијални загадувачи на животната средина и во воздухот и во почвата. Конференцијата беше одлична можност да се објаснат целите на Слоу фуд како растечко движење, кое го менува начинот на кој се храниме, а со тоа влијае на големите промени во начинот на кој се одгледува и произведува храната и за важноста од придржување до добрите земјоделски и производствени практики како основа за обезбедување безбедна и здрава животна средина.
Од шефот на делегацијата на ЕУ слушнавме за неговата лична поврзаност со слоу фуд движењето кое има голем број приврзаници ширум светот, а амбасадорот на Република Словенија пак сподели голем број корисни практики кои се применуваат во Словенија, а кои се причина словенечките села да бидат живи и да функционираат и придонесуваат за збогатување на понудата на здрава органска и локална храна, наместо да се напуштаат и да мигрираат во главниот град како што е тоа случај со Скопје, но и за потребата од поддршка од државата за поттикнување на земјоделското производство. Како вистински амбасадор на својата земја, Предан се пофали и со бројот на Мишелин ресторани во Словенија, кои се букирани со месеци однапред, а во кои врвните готвачи готват токму со овие локални органски производи од домашните производители.
На конференцијата зборуваше и професорката Соња Србиновска од факултетот за земјоделски науки и храна, но дефинитивно, најинтересниот дел беше оној во кој се претставија и дел од производителите присутни на конференцијата, младиот Давид Неделковски, фармер и производител на сирење и производи од козјо млеко кој веќе 10 години со семејството го живее овој фармерски живот во село Раштак, Мирјана Ангелеска, производител на мармалад и слатко од шумско овошје и Валентина Митрова, производител на производи од тартуфи. Тие ги раскажаа своите лични искуства и приказни и со љубов ги претставија своите производи, а по настанот, како што обично бидува, слушнавме уште некои интересни детали од нивното секојдневје. Меѓу нив, најинтересна беше размената на информации помеѓу младите производители Давид Неделковски од фармата „Кози, млеко, планина“ и Бранко Николовски од Еко јајце (еколошка живинарска мини фарма за традиционално, природно производство на јајца од слободни кокошки) од Тетово, за тоа каква музика им пуштаат на животните.
Па така, додека кокошките на Бране несат јајца слушајќи го Моцарт, Давид на своите кози и јариња им дава поширок избор, во зависност од годишното време. Од реге, панк и рок, до џез и боса нова. Па сега видете вие, за какви ентузијасти станува збор и какви производи можете да очекувате од нив.
Како и да е, конференцијата беше уште една можност да се проговори за значењето на органската и бавна храна за луѓето, климатските промени и планетата.