Вредни и иновативни Македонци со светски производ: Вегански колаген, поточно, колаген бустер од афион

646

„Ако некогаш сретнете производ со етикетата ‘вегански колаген’, тоа всушност значи „колаген бустер“, односно, производ кој содржи состојки што му се потребни на организмот за самиот да создаде колаген. Токму таков е и нашиот најнов производ од обезмастеното афионово семе кое е полно со протеини“, велат нашите соговорници, производители на т.н. вегански колаген за кој светот допрва ќе чуе.

Роберт Коцев, неговиот син Кристијан и нивниот партнер и пријател Александар Димитриевски, ги запознавме како производители на ладно цедено сончогледово, а потоа и на афионово масло, кое е вистинска реткост во светски рамки, па неговите производители можат да се избројат на прсти. Но овие тројца вредни и иновативни луѓе не застанаа тука. Правејќи го афионовото масло и внимавајќи тоа да се искористи максимално, без никаков отпад, прво почнаа од обезмастеното афионово семе кое останува по еструдирањето на маслото, да прават намази, а потоа, откако ова обезмастено семе било испитано во Агенцијата за храна и ветерина каде што им рекле дека истото има голема протеинска вредност, го направиле и најновиот производ – вегански колаген.

„Ако некогаш сретнете производ со етикетата ‘вегански колаген’, тоа всушност значи „колаген бустер“, односно, производ кој содржи состојки што му се потребни на организмот за самиот да создаде колаген.Токму таков е и нашиот најнов производ кој го поттикнува производство на колаген од страна на организмот“, велат нашите соговорници од компанијата „Био оил“.

Знаеме дека колагенот е најважниот протеин во човечкото тело, главна компонента на сите сврзни ткива, мускулите, крвните садови, дека го овозможува интегритетот на ткивата, еластичноста и регенерацијата на кожата, коските, зглобовите и ‘рскавицата. Тој е „лепакот“ што го држи телото заедно, па логично е дека неговиот недостаток ќе резултира со разни мускулно-скелетни нарушувања (артритис, остеопороза, вкочанетост, нарушена органска структура на коските, мускулни повреди), нарушување на имунолошкиот систем и појава на физички промени поврзани со стареењето.

По нашата 25-та година, започнуваме да губиме околу 1,5% колаген годишно, а до 40-годишна возраст, тој веќе е намален за 25%, додека пак над 60-тата – за 50%.

Како што се намалува производството на колаген во телото, се појавуваат брчки и болки во зглобовите.

„Во моментов на светскиот пазар постојат два главни типа на колагенски додатоци. Најчесто се нуди колаген од животинско потекло, додека за веганите и другите кои не сакаат да консумираат суплементи од животински остатоци, најсоодветен додаток е оној од растително потекло. Разликата помеѓу нив е во тоа што додека со првиот се внесува во организмот колаген, кај вториот всушност станува збор за бустер на колаген, односно, за производ кој го поттикнува човечкото тело да произведува колаген. Иако во светот се прави вегански колаген, нашиот е единствен по тоа што се прави од афион, а афионот и со самото тоа и производите што ги добиваме од него, е вистинско богатство“, објаснува Роберт.

На идејата да го направат производот дошле откако во Агенцијата за храна и ветерина констатирале дека обезмастеното семе кое останува откако ќе го направат ладно цеденото афионово масло, има голема протеинска вредност.

„Ова ни беше доволен мотив да го екстрахираме и да направиме нов производ кој во 100 грама содржи дури 34 грама протеини, но содржи и калциум, магнезиум и цинк. Умешноста е во тоа како ќе ја искористиш таа вредна суровина, а ние вложивме навистина многу за да го добиеме овој совршен светски производ полн со витамини и протеини.

Иако станува збор за нов производ, само после месец-два веќе имаме личен бенефит од него. На пример, јас имав парадентоза. Тоа е пред сѐ воспаление кое откако почнав да го користам овој производ ми се повлече, не се прошири. Наутро пијам 1 лажица афионово масло, ставам во смути 1 лажица од колагенот и имам сѐ, витамини, протеини и калории. Две години имав проблем со ногата што ми беше скршена, па ми рекоа дека имам повредена ‘рскавица и не преземав ништо но веќе втор месец го користам нашиот колаген и сега можам да трчам.

Кумот пак имаше проблем со астма и тој чувствува подобрување“, раскажува Роберт.

Сепак, процесот на производство на овој т.н. вегански колаген не е толку едноставен и лесен, па целата постапка трае 15 дена. Цената, кога ќе се земат предвид сите здравствени придобивки, не е поголема од онаа што луѓето обично ја издвојуваат за разни суплементи.

„За разлика од минатото кога било и храна и лек, сега афионовото масло кое чини околу 2.000 денари за 500 мл па за многумина е луксуз да се употребува за готвење, се користи најмногу како лек, а овој наш најнов производ, како суплемент. А афионот има навистина долг список од здравствени придобивки, пред сѐ, неговото антиканцерогено својство. Здравјето нема цена. Иако изгледа како да станува збор за ексклузивен и скап производ, сметаме дека ќе биде корисен за сите кои страдаат од некои заболувања, но и како превентива. Впрочем, сетете се само колку пари давате за суплементи па ќе сфатите дека не е прескапо, а е сосема природен производ, исто како што се и нашите масла“, порачуваат нашите вредни соговорници.