Прашањето кое се постави во рамките на една група на Фејсбук ми разбуди еден куп спомени. Дали прашањето „кај да најдам крушковац“ и вас ве носи во едно време кога по дома се правеше и се пиеше пивоквас?
Случајно во рамките на една група на Фејсбук („Стари скопјани“) наидов на едно прашање: „Ќе ви бидам бескрајно благодарен, доколку некој од вас може да ми помогне и да ми каже, КАДЕ МОЖАМ ДА КУПАМ ЕКСТРАКТ од КРУША спакуван во мала шишенца, кој е незаменлива состојка за правење пивски квас?
Дааа, би сакала да најдам и јас екстракт од круша, т.н.крушковац и да пробам да го направам омилениот пијалак на моето детство. Впрочем, Струмка и Тика никогаш не биле подобри од пивоквасот на баба ми, ниту пак швепсот и газозата од пивоквасот на мајка ми. Да не зборувам за кока-кола. Таа ја пијам само понекогаш, кога одам на некој долг пат.
Се надевам дека потрагата на господинот кој го постави прашањето ќе биде успешна, ама се надевам дека и јас ќе успеам да најдам крушковац и да го направам овој омилен пијалак од моето детство и да вратам барем дел од спомените. Ќе ги спакувам во шише и ќе ги ставам во фрижидер. Потоа, се надевам дека правењето пивоиквас повторно ќе стане рутина во нашиот дом во кој повеќе не се ниту баба ми, ниту мајка ми, ама се надевам дека ќе има уште некој освен мене, кој ќе сака да го пие.
Еве го и рецептот:
Состојки:
1 коцка свеж квасец
250 грама шеќер
5 литри вода
Сок од 1 лимон
крушковац
Приготвување:
Од 250 гр шеќер направете карамел и додадете 1 литар вода, почекајте да зоврие и варете додека не се растопи карамелот. На оваа смеса додадете ја и преостаната вода. Одделете 1 шолја од оваа млака течност и додадете една коцка квасец да се раствори и да се активира, а потоа вратете ја во целата смеса. Оставете ја смесата да отстои неколку часа, а за да го добиете оној пријатен и препознатлив вкус на пивоквасот од нашето детство, додадете 1 шишенце екстракт од круша и сок од лимон. Измешајте и префрлете го пивоквасот во стаклени шишиња. Чувајте ги во фрижидер.