Изминатиот викенд на Скопска Црна Гора брендот „ТУФ“„ТУФ“ го организираше првиот лов на тартуфи за дипломатскиот кор во државата, а потоа ги покани и на традиционална трпеза збогатена со македонски тартуфи
Македонскиот бренд Tuf.mk викендов го организираше првиот лов на тартуфи за претставниците на странските дипломатски претставништва во државава, заедно со организацијата Dobredojde Macedonia Welcome Centre. На падините на Скопска Црна Гора, ловот го предводеа најдобрите ловџии, односно, специјализирани кучиња од видот Лагото, од специјалната одгледувачница, во сопственост на компанијата „Евал“, чиј бренд е „Туф“.
Дипломатската прошетка за лов на тартуф беше ексклузивна можност да бидат први посетители на вакво доживување, на нашите простори. Во прекрасната природа, во околината на селото Кучково, посетителите имаа можност да уживаат во вештините кои ги покажаа кучињата, специјално дресирани за наоѓање тартуфи и да научат повеќе за тартуфите, печурки кои се многу полезни за човекот. Секако, посебна радост беше наоѓањето на тартуфи во длабочината на шумата, за што кучињата-ловџии добиваа и специјална награда за добро завршениот лов.
По завршувањето на ловот во шумата, групата имаше можност да дегустира домашни специјалитети со тартуфи, кои го заокружија целото доживување.
Оваа несекојдневна авантура, беше убава можност да се претстават вештините на кучињата дресирани од сопственикот на одгледувачницата Тони Митров, а воедно и одлична можност да им се претстават на странските претставници македонските природни богатства на шумите, со многу ценетиот тартуф.
Во рамките на дегустирањето на храна со тартуфи, присутните ги вкусија и производите на „Туф“, кои во својата широка палета опфаќаат сушен тартуф, масло со тартуф, намази, тартуф во маслиново масло, слатко со лути пиперчиња со тартуф, секако и свеж тартуф, кои беа вистинско гурманско уживање за сите.
Според зборовите на Valentina Mitrova , сопственичка и генерална менаџерка на „Туф“, станува збор за многу здрави и квалитетни производи, кои се вистински еликсир на младоста, зошто тартуфот има огромни здравствени придобивки и полезност за човековото здравје и корисно е да се вклучат во секојдневната исхрана на човекот, за да се почувствуваат сите нивни придобивки.
Ловот на тартуфи и целиот настан беше поздравен од сите присутни претставници на дипломатските претставништва, кои не го криеја своето воодушевување и од вкусната храна приготвена од домаќините.
Ловот на тартуфи е незаборавно искуство за секој љубител на нови и невообичаени доживувања, со можност да уживаат во мирисите и вкусовите на „дијамантот на природата“ и производите направени со неговиот уникатен вкус.
Инаку, семејството Митрови, сопственици на брендот „Туф“, се пионери во тартуфарството кај нас, нивната успешна семејна бизнис приказна е плод на желбата за иновации, љубовта кон природата и животните и здравиот начин на живот.
„ТУФ“ со овој настан ја збогати понудата на ексклузивни авантуристички настани кај нас, а воедно ја стави државата на мапата на дестинации кои имаат и понуда за лов со тартуфи, што е многу популарно и ценето во светот.