Имате вечерни кризи за благо? Направете си домашен крем од кое било јаткасто овошје и малку мед
Сите имаме понекогаш напади за благо или за нешто за грицкање и тука секогаш правиме грешки. Затоа, следниот пат кога ќе ви се случи тоа, одберете здрава опција. Направете си сами кремче од лешници или кое било друго јаткасто овошје што ги имате дома, малку заблажете го и ете ви
Сигурно ви се случило навечер да ве фати наеднаш криза за нешто слатко или солено, онака, да грицнете нешто и да се засолите или да се заблажите, сеедно. И тука најчесто грешиме. Затоа, следниот пат кога ќе ви се случи тоа, нека не ве мрзи. Ако имате блендер, имате сѐ.
Земете 250 грама од кои било јаткасти плодови што ги имате во моментот и направете си крем, путер или како и да се вика.
Начинот на правење е ист. Сме испробале. Овој на фотографијата е крем од лешници со малку мед.
Откако ќе ги излупите лешниците, испечете ги во рерна на 170° или во тава на рингла околу 5-10 минути додека не ја почувствувате карактеристичната арома од печени јатки и внимавајте да не ви изгорат. Потоа оставете ги да се изладат и ставете ги во блендерот. Мешајте додека не почнат да се ослободуваат природните масла.
Ќе мора да имате малку трпение. Ако смесата се згрутчува кон рабовите, турнете ја со лажица назад кон центарот и потоа почнете повторно да мешате.
Додадете 1 лажичка ладно цедено маслиново масло и евентуално, додека има потреба само 1 лажичка вода, за да ја постигнете саканата конзистентност.
Можете да додадете и 1 лажичка мед или сируп од урми. Ако сакате да го збогатите дополнително, додадете и 1 лажичка какао.
Може да се чува во фрижидер една недела.