Бојата на јајцата зависи само од сортата на кокошките и пигментите кои ги произведуваат во текот на несењето јајца. Од друга страна, содржината на хранливи материи во јајцата, се однесува на храната и начинот на живот на кокошките како и на свежината на јајцата.
Кога станува збор за храна, важи правилотo дека се што е кафеаво е поздраво од белото. И шеќерот и тестенините и лебот…Некои сметаат дека е таков случајот и со јајцата. Некои тврдат дека кафеавите јајца се подобри затоа што содржат повеќе нутриенти, некои пак мислат дека имаат подобар вкус од белите, додека пак трети сметаат дека за приготвување на одредени јадења се подобри едните, а за други јадења, другите.
„Не постои вистинска прехранбена разлика помеѓу тие два вида јајца“, вели нутриционистката Рејчел Даниелс, директорка за исхрана за Virtual Health Partners и додава дека науката тоа го потврдува. Имено, во истражување од 2010. објавено во Poultry Science е изнесен истиот заклучок. Бојата на јајцата зависи од сортата на кокошките и пигментите кои ги произведуваат во текот на несењето јајца; затоа имаме бели, кафеави, па дури и сини или сино-зелени јајца, толкува Даниелс. Од друга страна, содржината на хранливи материи, се однесува на храната и начинот на живот на кокошките како и на свежината на јајцата.
Всушност, можеме да најдеме разлики помеѓу јајцата само ако ги споредиме оние снесени од кокошки што слободно шетаат со комерцијалните. Имено, на помалите фарми кадешто кокошките се пуштени слободно да се движат, тие лежат помалку, јадат повеќе и имаат поголема слобода на движење, што влијае на изгледот на внатрешноста на јајцата. Колку е поинтензивна бојата на жолчката, односно колку е потемно портокалова, толку се поголеми шансите да се снесени од слободни кокошки. Овие јајца се малку потешки од јајцата купени во продавница и имаат подебела лушпа, што е корисно за време на транспортот бидејќи потешко се кршат.
Како заклучок, не е важно дали јајцето е кафеаво или бело, важно е да е од кокошки што се оставени слободно да шетаат и се хранат со природна храна.