Колку поедноставно, толку повкусно! Колач со овошје по рецепт од старата тетратка

3.984

Мислам дека почнавме да претеруваме со разноразни модерни, демек, „здрави“ состојки, па можеби затоа, мислам, ако сакаме да бидеме искрени, нашите слатки не се толку вкусни како оние од старите добри рецепти од нашите мајки и баби

Со оглед на тоа што сакаме слатки кои се прават брзо, најчесто ги правиме оние за кои треба само да се измешаат сите состојки и да се испечат, но како што се појавуваат разноразни „здрави“ алтернативи за состојките, ние постојано експериментираме.

Или место путер или обичен зејтин ќе ставиме некое ладно цедено масло или путер од јаткасти плодови, наместо бело брашно, ќе ставиме овесно или мелено просо, хељда и слично, наместо шеќер, мед, маџун или пак само урми или сируп од урми.

И колку и да се тоа поздрави варијанти на слатко, од толку многу експерименти, некако на крајот најчесто си ги јадам сама.

И конечно, си реков, ќе направам еден колач со овошје по рецептот од старата тетратка за кој сестра ми ми вели дека е одличен и дека никогаш нема утка.

И навистина, наједноставниот рецепт со старите добри состојки со кои правела колачи и мајка ми, излезе дека е најдобар. Е сега, дали бил здрав или не, па сигурно е поздрав и од оние „најздравите“ што се продаваат по маркетите.

Такашто, еве ви го најубавиот и наједноставниот рецепт за стариот добар колач со кое и да било овошје.

Нашиот рецепт е за колач со вишни, ама ставив праски и сливи.

И добро, навистина е тоа во рецептот премногу шеќер, намалив за 100 грама, па наместо 250 грама, како што пишува, ставив 150. И немав бел, па ставив кафеав шеќер.

Значи вака:

4 јајца

150 г шеќер

6 лажици стопен путер или обично масло

9 лажици врела вода

прашок за пециво

ванилин шеќер

250 г брашно

прстофат сол

овошје по ваша желба

Приготвување:

Ги мешате јајцата, шеќерот и малку сол. Додавате масло и врела вода, а потоа постепено го додавате брашното со прашокот за пециво.

Истурете во намрсена и набрашнета тепсија или поросена со презли, распоредете го овошјето и печете во загреана рерна на 160 степени околу половина час.

На крај, кога малку се олади поросете со шеќер во прав.

Еве како изгледа рецептот во старата тетратка и ако имате некој ваков стар и испробан рецепт од вашите мајки и баби, споделете го со нас.