Кинески урми на македонско пазарче: Здрави плодови со вкус сличен на јаболки и урми од палма

984

Овие плодови содржат повеќе витамин Ц од кое било друго цитрусно овошје, го зајакнуваат имунитетот и помагаат во борбата против инфекциите, поради што со милениуми се користат во многу традиционални медицини. Ги најдовме на Зелен пазар во Скопје

Кинеските урми или жижули, како што се познати во соседна Србија и во Хрватска се есенски плодови, овошки полни со витамин Ц, кој е еликсир за имунитетот, за варењето и стресот.

Станува збор за многу интересно овошје со уште поинтересна историја. Одгледувањето на ова овошје било развиено во Кина пред 4.000 години. Постојат најмалку 400 видови кои успешно се одгледуваат поради нивните уникатни карактеристики – главно оние видови кои е најдобро да се јадат и свежи и суви, а имаат месо слично на урмата. Иако кинеската урма има многу силно стебло и може да роди дури и при екстремни температури и со малку вода, сепак претпочита сончева и блага клима.

Понекогаш се нарекуваат црвени урми, кинески урми, корејски урми или индиски урми.

Кинеските урми имаат крцкава текстура, кора која се јаде и сладок вкус на јаболко.

Сувите плодови може да се користат како замена за урми или јаболка во колачи. Само излупете го овошјето и отстранете ги семките. Кинеските урми може да се јадат и свежи или да се направи од нив чај.

Зошто кинеските урми се добри за здравјето?
Иако не доминира ниту една хранлива материја, кинеската урма содржи многу различни хранливи материи, вклучувајќи магнезиум, калиум, бакар, ниацин, калциум, манган, фосфор и железо. Тие содржат повеќе витамин Ц од кое било друго цитрусно овошје, го зајакнуваат имунитетот и помагаат во борбата против инфекциите, поради што со милениуми се користат во многу традиционални медицини.

Медицинските истражувања покажаа дека ова овошје и неговиот екстракт помагаат во намалување на крвниот притисок, кај заболувања на црниот дроб, анемија и спречување на растот на клетките на туморот што може да доведе до леукемија. Екстрактот од кинеска урма се користи и за заштита на кожата и во комерцијални производи против брчки, за сува кожа и за лекување на изгореници од сонце.

Сè што ни дава ова овошје не се должи само на комбинацијата, туку и на сложеноста на фитонутриентите што ги содржи. Научниците потврдија дека кинеската урма содржи осум флавоноиди, вклучително и спинозин и свертиш, кои имаат седативно дејство и затоа семето на кинеската урма се користи за лекување на несоница и анксиозност во традиционалната кинеска медицина.

Кинеската урма содржи и фенол пуерарин, кој ги уништува слободните радикали и го одржува холестеролот во нормални граници, а со тоа го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Флавоноидот апигенин (кој го има и во камилицата, мајчината душица и црвеното вино) содржи антиоксиданти и има антиинфламаторно и антиканцерогено дејство, а со тоа помага да се намали ризикот од рак и има добар ефект врз црниот дроб, варењето и алергиите.

Кинеската урма содржи и 18 од најважните амино киселини, кои помагаат да се создадат повеќе од 50.000 различни протеини во телото, од кои некои го поттикнуваат зараснувањето на раните.

Сепак, кинеските урми треба да се консумираат умерено бидејќи содржат фруктоза, која може да биде штетна доколку се зема во прекумерни количини.

Истражувања за кинеските урми
Истражувањето на депротеинизираните полисахариди изолирани од кинеските урми покажале дека оваа состојка е веројатно одличен агенс против рак на кожата, што треба дополнително да се истражи. Етеричните масла од еден вид кинески урми го стимулираат растот на косата, а екстрактот е одличен и особено ефикасен и безбеден лек за хроничен запек и заболувања на црниот дроб..

За подобрување на варењето традиционално се користат пире од кинески урми, крем, чај или супа. Секојдневното консумирање на ова овошје може позитивно да влијае на цревната флора и да ја намали изложеноста на цревната слузница на токсичен амонијак и други штетни соединенија.

Зајакнување на имунитетот
Богата со антиоксиданти и витамини Ц и А, кинеските урми се идеална храна за зајакнување на имунитетот. Со оглед на тоа што нашите тела не можат сами да произведуваат витамин Ц, важно е да го внесуваме преку храна. Помалку од половина чаша свежи плодови ќе ги задоволи вашите дневни потреби за овој витамин.

Контрола на телесната тежина
Кинеската урма има многу малку калории и завиден процент на протеини и влакна. Ова ја прави одлична закуска, особено за оние кои се обидуваат да ослабнат или да ја задржат тежината. Тие се многу популарни меѓу физички активните луѓе.

Со оглед на тоа дека го поттикнуваат апетитот, се препорачуваат и за оние кои сакаат да се здебелат.

Здрав рецепт со кинески урми
Состојки:

30 плодови без семки
4 чаши вода
Едно јајце

Приготвување:

Добро измијте ги и исушете ги урмите. Ставете ги во вода да зоврие и да врие додека водата не се намали на околу една чаша.
Сварете тврдо едно јајце, веднаш префрлете го во ладна вода и излупете го.
Додадете го јајцето во сварениот чај и сервирајте го така.