Што се случува ако секојдневно јадеме мандарини? Само една овошка задоволува 43 проценти од дневната потреба за витамин Ц

Фото: Pexels-Pixabay
337

Мандарините спаѓаат во групата на омилени цитрусни овошја на повеќето луѓе и најчесто се јадат во зима.

Иако наликуваат на нивниот далечен роднина, портокалот, тие се две сосема различни сорти на овошје од исто семејство. Мандарините се помали, помеки, полесни за лупење и послатки од портокалите.

Сепак, и покрај нивната големина, тие не заостануваат во однос на хранливите материи во споредба со портокалите. Содржат околу 85 проценти вода, само 50 калории на 100 г и се вистински рудник за витамин Ц. Само една мандарина може да задоволи дури 43 проценти од дневните потреби на човечкото тело за тој витамин.

Мандарините имаат висока содржина на бета-криптоксантин, антиоксиданти, изобилуваат со калиум, витамини од Б комплексот, односно Б1, Б6 и Б9, калциум – едноставно кажано, тие се извор на здравје.

А еве што се случува со нашето тело ако јадеме мандарини секој ден.

Поради изобилството на витамин Ц, мандарините поволно делуваат на нашиот имунитет, кожата, срцето, односно, на целиот организам.

Блескава кожа

Мандарините се богати со витамин Ц, кој ѝ помага на кожата да формира ново сврзно ткиво. Исто така, обезбедува создавање на провитамин А и селен во телото, што го забрзува обновувањето на клетките и го прави тенот свеж, блескав и младешки.

Зајакнување на имунитетот и коските

Витаминот Ц не само што е корисен за кожата, туку и го зајакнува имунитетот, што е особено важно во зима поради бројните вируси. Исто така, спречува болести и го подобрува расположението. Ова овошје содржи и мала количина на калциум, кој ги зајакнува коските.

Идеални за слабеење

Мандарините се идеални за ужина, особено ако сакате да изгубите тежина. Содржат само 50 калории на 100 грама. Исто така, под лушпата имаат бела мембрана која повеќето луѓе ја отстрануваат откако ќе ја излупат мандарината, иако не треба.

Имено, таа мембрана содржи соединенија кои го поттикнуваат согорувањето на мастите, па затоа мандарините помагаат и при слабеење.

Го штитат срцето

Антиоксидантите во мандарините, како и калиумот, можат да го подобрат здравјето на срцето и да ги намалат факторите на ризик за срцеви заболувања.

Имено, мандарините ја подобруваат функцијата на крвните садови, го намалуваат нивото на триглицеридите и ЛДЛ (лошиот) холестеролот во крвта. На овој начин се намалува ризикот од атеросклероза, односно стеснување на артериите предизвикани од таложење на маснотии, што е најчеста причина за срцеви заболувања.

Внимавајте со количината

Иако се исклучително здрави, експертите предупредуваат дека не треба да се претерува со количината на мандарини. Препорачаната доза е до 7 дневно. Премногу витамин Ц може да доведе до проблеми со желудникот и варењето, односно може да доведе до дијареа.