Две омилени јадења, во едно: Шпански омлет (Tortilla española)

225

Кога се будите гладни како волк или кога ќе го пропуштите или пак нема да ви се допадне ручекот, имаме идеја како да си направите брз, обилен и вкусен оброк. Исто како што го прават Шпанците

Шпанскиот омлет (Tortilla española) е традиционално јадење во Шпанија и обично се јаде за појадок, ама е одличен оброк и за доцен ручек или рана вечера.

За ова вкусно јадење ви требаат само неколку компири, јајца и кромид.

Поточно, 4 компири, 6 јајца и 1 кромид. Секако, по желба можете да додадете и уште некои состојки, како пиперка, колбас, домат. Но ова е основата и овие состојки се доволни за еден вкусен шпански омлет.

Излупете ги компирите и исечете ги на многу тенки кругови. Во голем сад ставете малку повеќе зејтин, за да бидат компирите покриени и пржете ги колку да омекнат. Кратко пред да ги извадите додадете ситно сечкан кромид и кога и тој ќе омекне извадете ги компирите заедно со кромидот и ставете ги во цедалка убаво да се исцедат и да се оладат.

Скршете ги јајцата во друг сад, додадете сол и убаво изматете ги. Откако компирите ќе се оладат, додадете ги во изматените јајца и нежно измешајте.

Во тава за пржење ставете го процеденото масло од компирите, загрејте го, префрлете ја смесата (компирите и јајцата) и гледајте секој компир да биде потопен во јајца. Покријте ја тавата и кога ќе биде скоро при крај, протресете ја тавата и омлетот би требало сам да се одлепува од тавата.

Со помош на поголема чинија превртете ја тавата, а потоа вратете ја тавата на оган да се допече од другата страна. Пржете додека не добие убава боја, исто како горната страна. Извадете го омлетот во чинија и оставете да одмори малку пред да го послужите.