Нетолеранција на лактоза и алергија на млечни производи не се исти реакции, а нема ни секое посно млеко да им годи на сите – можно е организмот да реагира и во тој случај
Посното, односно, млекото што не е од животинско потекло сè повеќе добива на важност и сѐ повеќе се вклучува во исхраната. Една од најголемите причини е интолеранцијата на лактоза. Но, тоа не е единствената предност на овие алтернативни избори.
На кои состојки треба да се обрне внимание: и посното млеко мора да има задоволителна декларативна содржина
Посно млеко може да се добие од житарки, јатки или мешунки, но и од овошје. Правилните информации во врска со нивните карактеристики се важни, а важни се освен текстурите и вкусот и хранливиот состав, односно, состојките, бидејќи може да дојде до негативни реакции поради алергија на која било состојка. И овие млека содржат адитиви, засладувачи и емулгатори. Се разбира, најдобро е да изберете органско млеко ако има можности за тоа или да си го направите дома сами.
Најчесто се користи: Колку е здраво млекото од соја?
Една студија објавена во National Library of Medicine за здравствените придобивки од млекото од соја, наведува голема количина на витамини, минерали и антиоксиданти. Протеините се исто така важна состојка на ова млеко, како и омега-3 здравите масни киселини. Млекото од соја е значаен извор на калиум, минерал што влијае на спуштањето на крвниот притисок и здравјето на срцето, калциум и витамин Б12. Содржи фитоестрогени, кои придонесуваат за намалување на симптомите на менопауза, пред сè, на топлинските бранови (валунзите). Се препорачува за луѓе кои страдаат од анемија. Најновите истражувања велат дека има и значителни антиканцерогени потенцијали.
Бадемово млеко: За што е корисно ова посно млеко
Бадемово млеко содржи многу висок процент на калциум, 50 проценти повеќе од кравјото млеко. Исто така, има помалку од еден грам протеини по чаша. Изобилува со витамин Е, антиоксидант значаен за здравје на мозокот, добра циркулација на крвта, еластичност и флексибилност на кожата. Здраво е првенствено затоа што не содржи заситени масни киселини и холестерол, но затоа изобилува со омега 3 масни киселини кои се одлични за срцето. Тука се и растителните влакна и незначителна количина јаглени хидрати. Истражувањата велат дека содржи поголема количина минерали од млекото од соја или од ориз. Голема предност е што не содржи лактоза, но ниту казеин – друг млечен протеин што може да предизвика здравствени проблеми кај некои луѓе, најмногу од дигестивна природа.
Овесното млеко и неговите најголеми предности
Овесното млеко е добра опција за луѓе кои се нетолерантни на лактоза или имаат алергија на млеко, како и на јаткасти плодови. Содржи помалку протеини во споредба со млекото од соја, но повеќе од другите, како на пример од кокосовото или оризовото. Содржи многу калиум, важен за здравјето на срцето, како и железо. Содржината на бета-глукан е особено важна за имунитетот и целосното здравје. Во една чаша млеко од овес, има една четвртина од препорачаните дневни вредности на калциум, 20 % за витамините Д и А, како и 50 % од потребите за витамин Б12.
Млеко од сусам
И млекото од сусам е одлична алтернатива на кравјото млеко, но и на неколку видови на растителни млека на кои луѓето можат да бидат алергични (јаткасти плодови). Во сусамовото млеко има 90 калории, 8 грама протеини и помалку од 1 грам влакна. Ако консумираме млеко од сусам, ќе обезбедиме половина од дневната потреба за витамин Д и 10 проценти од потребите за калциум. Сусамот исто така содржи витамини А, Б, Е, железо, магнезиум, калиум, калциум и растителни влакна. Ублажува иритации, влијае на забавување на стареењето, сушење на кожата и предвремено создавање на брчки.
Кокосово млеко
Кокосовото млеко содржи железо, селен, калциум, магнезиум и фосфор и изобилство од витамини Ц, Е и витамини од група Б (Б1, Б3, Б5 и Б6). Исто така, постои лауринска киселина, здрава масна киселина која влијае на намалувањето на холестеролот и го подобрува имунитетот. Кокосовото млеко има антиинфламаторно дејство, така што е погодно за настинки, но и за артритис. Бидејќи содржи електролити, корисно е за дијареја. Поволно влијае на метаболизмот ако се консумира во умерени количини. Особено е корисно за косата и кожата затоа што е добро хидрирана и им помага на фоликулите на косата да произведуваат нови влакна.
Млеко од ориз
Содржи мала количина на маснотии (незаситена масна киселина) и има помал процент на маснотии во споредба со бадемот, на пример. Не содржи холестерол или лактоза. 250 мл оризово млеко обезбедува 25 % од дневната потреба за витамин Д. Сепак, не содржи доволна количина на калциум. Бидејќи не содржи многу маснотии корисно е во режимите на исхрана за слабеење. Неговата сварливост е, велат студиите, максимална. Се препорачува за луѓе со покачен холестерол и високи вредности на триглицериди.