Смислете нешто зелено, ама во позитивна смисла! Отворен е натпреварот „Зелени идеи 2024“

206

Здружението АРНО годинава, по десетти, јубилеен пат го менаџира натпреварот „Зелени идеи“ на кој заинтересираните можат да аплицираат до 6-ти мај за поддршка на зелени социјални бизнисии. На натпреварот можат да учествуваат сите оние кои имаат идеја за зелен социјален бизнис или постоечка иницијатива.

Вчера, во Europe House Скопје се одржа промотивен настан со кој се лансираше повик за годинешното издание на натпреварот „Зелени идеи“, кое по десетти јубилеен пат го менаџира здружението АРНО.

Настанот го отвори Ирина Јаневска од АРНО со презентирање на 10-те регионални македонски победници од изминатите 10 години и вовед во новите концепти на зелена економија.

„Ние сме благодарни што сме во оваа улога 10 години, и многу се радуваме што Македонија има 10 регионални награди. Со овој натпревар освен што носиме финансии во државата, носиме и знаење, како на пример, за новите концепти на зелена социјална економија (Теорија на крофна економија, регенеративна економијa и сл), а носиме и култура на транспарентност и соработка. Многу труд и љубов вложуваме во целиот процес, а и во сѐ што правиме со АРНО веќе 10 години, колку што постоиме“, вели Ирина Јаневска, претседателка на АРНО.

Дел од настанот беа и дизајнерките Ирина Тошева и Мирјана Јосифоска. Ирина е национална победничка на натпреварот и обучувачка на престојните работилници, а Мирјана минатата година беше регионална победничка, како носителка на зелен бизнис за  производство на шапки и стегачи од текстилни остатоци. Таму беше и Снежана Јанковиќ од Сојузот на извидници на Македонија, претставничка на најголемата интерактивна иницијатива за пошумување на опожарени подрачја- Боренка. На настанот имаше и онлјан вклучување од Црна Гора на Санда Ракочевиќ од Адп-Ѕид кои се координатори на регионалниот проектот EICEE каде АРНО е македонскиот партнер. Таа го претстави проектот „EICEE-Екосистем за екоиновации и циркуларна економија во Западен Балкан“ кој е поддржан од Европска Унија. Во рамките на овој проект до крајот на месецот ќе се објави повик за грантова поддршка за развој на циркуларна економија.

Освен што беше информативен, настанот имаше и еден забавен дел, односно, квиз на кој присутните имаа шанса да освојат шапка и стегачи од брендот „Мирјана Јосифоска“ и „Боренки“ преку кои ќе се сади дрво во нивно име.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи на Западен Балкан. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат во 2 категории за награди во висина од 5.000 или 10.000 долари .Здружението за социјални иновации „АРНО“, 10-та година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има 10 регионални победници и вкупна инвестиција од 95 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015), инцијативата за репарирање на стар мебел– „СПИН“ (2016), платформата „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017), „ Био смарт ориз“ одржливо производство на ориз (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за одење пеш (2019), „Вајс адитив“ производство на прехранбен адитив од комиње (2020), „О-круг“ – производство на ароматизери и масла од отпадни кори од портокал (2021), Ве Дог Фуд (2022) прозиводство на протеинска искрана од инсекти и Мирјана Јосифоска (2023) шапки и модни додатоци направени од текстилни остатоци.

Натпреварот е отворен до 6-ти мај, а целосната пријава и повеќе информации може да се најдат на www.zeleniidei.mk. За поддршка во аплицирањето граѓаните можат да се пријават за учество на бесплатни онлајн работилници и работилници во живо.