Наједноставниот рецепт за ролат со јагоди

Фото: Pixabay
626

Доколку барате десерт во кој ќе вклучите јагоди, омиленото пролетно овошје на многумина, во продолжение погледнете го наједноставниот рецепт за ролат од кој ретко кога останува и за следниот ден.

Освен јагоди за овој едноставен рецепт ви требаат само уште 4 состојки: јајца, шеќер, брашно и слатка павлака.

Состојки за тестото:

4 јајца

4 големи лажици брашно

4 големи лажици шеќер

Состојки за филот:

3 дцл слатка павлака

400 гр јагоди

Приготвување:

Вклучете ја рерната на 180 °C.

Одделете ги белките од жолчките. Додадете шеќер во жолчките и измешајте. Во друг сад изматете

ги белките.

Наизменично, додавајте лажица брашно и лажица цврст шлаг од белките во смесата од жолчките и

шеќерот, а потоа нежно и полека измешајте ги во смесата.

Постапката повторувајте ја додека не го потрошите подготвеното брашно и шлагот.

Смесата на почетокот ќе биде погуста, а на крајот поретка и по малку пенлива.

Плиток плех обложете со хартија за печење.

Истурете ја смесата во тавата и лесно размачкајте ја со шпатула или лажица.

Ставете ја во рерна и печете максимум 10 минути.

Кога површината на кората ќе порумени, извадете ја од рерната.

Префрлете ја кората на чиста кујнска крпа, страната со хартијата мора да биде нагоре.

Навлажнете ја малку хартијата за печење, бидејќи така полесно ќе ја одвоите од кората.

Нежно повлечете ја хартијата со прстите додека не се отстрани целосно, а потоа завиткајте ја во

ролат со крпата и оставете ја малку да се излади.

Измијте ги, исчистете ги и исечете ги јагодите на парчиња со саканата големина.

Со миксер изматете ја слатката павлака во шлаг.

Оладената кора одвиткајте ја и премачкајте ја со шлагот, па врз неа ставете ги исечените јагоди и

повторно свиткајте ја во ролат.

Готовиот ролат по желба можете да го поросите со шеќер во прав или да го декорирате со шлаг и со јагоди.