Ракот на дебелото црево кај младите е во пораст! Научниците сметаат дека оваа исхрана е главниот виновник

Фото: Freepik
529

Лошите навики во исхраната би можеле да бидат причина за алармантно зголемување на дијагнозите на рак кај луѓето

Научниците од Државниот универзитет во Охајо открија дека одредени навики во исхраната може да го зголемат ризикот од развој на рак на дебелото црево, кој е во пораст кај младите.

Презентирајќи ги резултатите од нивното истражување пред Американското здружение за клиничка онкологија, тие објасниле дека комбинацијата од консумирање премногу шеќер и недоволно влакна ги поттикнува цревата да произведуваат бактерии кои го „забрзуваат стареењето“ на клетките.

Овие бактерии би го направиле сечиј дигестивен систем поподложен на канцерогени мутации и помалку способен да се брани од развојот на тумори, покажале прелиминарните тестови.

Научниците анализирале примероци на луѓе помлади и постари од 50 години со дијагноза на рак на дебелото црево.

Се покажало дека помладите луѓе кои се на исхрана со мал процент на влакна и висок процент на шеќер произведуваат вид на бактерија наречена Fusobacterium која го зголемува воспалението во цревата.

Претходно беше докажано дека воспалението предизвикува предвремено стареење на клетките, додека влакната ги хранат здравите бактерии во цревата и го намалуваат воспалението.

Авторите на студијата тврдат дека клетките на пациентите со лоша исхрана остареле дури 15 години повеќе од нивната биолошка возраст, што е дел од процесот кој се нарејува „inflammaging” или воспалително стареење.

„Ова сугерира дека патогените микроби може да предизвикаат воспаление, што потоа води до забрзано стареење и ран развој на рак на дебелото црево и ректумот“, велат авторите на студијата.

Притоа, треба да се спомене дека една студија за внесот на прехранбени влакна во европските земји покажала дека мажите консумираат помеѓу 18 и 24 грама, а жените помеѓу 16 и 20 грама влакна дневно, додека препораките се помеѓу 30 и 35 грама за мажи и помеѓу 25 и 32 грама за жени.

Сè повеќе млади луѓе се дијагностицираат со рак на дебелото црево и кај нас и во цела ЕУ, дури и во доцните 30-ти или раните 40-ти години, а лекарите веќе подолго време предупредуваат дека за тоа е виновна модерната исхрана.

„Во текот на изминатите децении има зголемување на инциденцата на рак кај младите луѓе во Англија. Податоците покажуваат дека луѓето помлади од 50 години заболуваат од рак повеќе од кога било досега.

Овој тренд е загрижувачки и бара подетална истрага.

Зголемената изложеност на познати, но и непознати фактори на ризик, промените во начинот на живот и исхраната, како и зголемената дебелина може да бидат причините за ваквото зголемување на бројот на младите заболени од рак“, вели онкологот проф. Чарлс Свантон коментирајќи ги резултатите од студијата за Daily Mail.