Шведска леплива чоколадна торта

Фото: Фејсбук
82

Kladdkaka е шведска чоколадна торта со крцкава кора и мека, леплива внатрешност.
Всушност, на шведски, kladdig значи „леплив“, а kaka значи „торта“.

Kladdkaka е еден од многуте традиционални шведски десерти. Во рецептот за овој колач се користи релативно малку брашно во однос на неговите количини на путер, шеќер и јајца.
Најчесто се служи со шлаг или сладолед од ванила, а карактеристична е по тоа што не ѝ се додава прашок за пециво, што ја објаснува неговата зрнеста внатрешност, крцкавата надворешност и генерално компактна текстура.

Наводно, оваа торта настанала кога поради Втората светска војна било тешко да се најде прашок за пециво.

Како и да е, станува збор за идеален избор за сите љубители на чоколадо и е многу лесна за подготовка, со само неколку состојки кои веројатно веќе ги имате дома.

Ако барате брз рецепт за чоколадна торта, продолжете да читате.

Состојки:

2 јајца
120 г шеќер
5 г ванилин шеќер
40 г какао
прстофат сол

60 г брашно
120 г омекнат путер

Приготвување:

Загрејте ја рерната на 175 °C.
Растопете го путерот на тивок оган.
Измешајте ги шеќерот и јајцата убаво, па додадете ги останатите состојки добро да се соединат и на крајот додадете го растопениот путер.
Истурете го тестото во плех подмачкан со путер, а потоа наросен со какао. Калапот треба да биде со димензија 24 цм во дијаметар.
Се пече во средината на рерната околу 20 минути. Тортата ќе биде ниска со прилично тврда површина и леплива во средината.
Оладете го колачот откако ќе се испече и поросете го со шеќер во прав.

Послужете со шлаг или сладолед и овошје по избор.