Четири домати и две пиперки, 8 ипол евра! Дали се разбојници оние кои продаваат на пазарот во Хвар?!

365

Да, хрватскиот остров Хвар е навистина еден од најубавите острови на светот, но ако не сте Илон Маск или меѓу бројните Македонци кои се на сезонска работа тука, ич не доаѓајте! Сега е време за зимници, а не за купување патлиџани и пиперки на парче, нели? Ај да ве видам направете ајвар со 40 пиперки кои ќе ве чинат 70 евра!!!

Благодарение на кристално синото и чисто море, бујната суптропска вегетација, прекрасните заливи и плажите со камчиња, лозјата, маслиновите градини, полињата со лаванда и благата медитеранска клима со многу сонце, Хвар е без сомнение еден од најубавите острови на светот.

Не е ни чудо што престижниот магазин Traveler го прогласи за еден од 10-те најубави острови во светот.
„Според читателите на угледниот магазин Travel + Leisure, на трето место во Европа, веднаш зад грчките Милос и Крит , а на седмо место во светот, Хвар го заслужи рејтингот на читателите врз основа на критериуми кои вклучуваат: природни атракции/плажи, активности/ знаменитости, ресторани/храна, луѓе/љубезност и вредност на дестинацијата“, гордо објави годинава Градот Хвар на социјалните мрежи.

Арно ама…

Локалните жители ни раскажуваат дека овој остров кој со право го носел името „Сончев Хвар“, во минатиот век на туристите им нудел по еден бесплатен ден за секој дождлив ден што ќе ги затекне на островот. Претпоставувате, дождливите денови биле вистинска реткост.

Сепак, последниве години тоа веќе не е така, а ако сте баш баксуз може да ви се погоди и некогаш најубавиот месец за одмор, септември, да е речиси секој ден дождлив, со грмотевици, громови и молњи какви што може да се видат само кога сте на море.

А поради тоа, нема шанси да добиете ништо плус.

Не, не, тука нема „во“ и „надвор“ од сезона, цените за сместување се постојано високи, впрочем, како и оние за храната и пијалаците.

Е сега, не е исто дали сте домашен или сте гостин.

Не може да очекуваме дека и постојаните жители на островот ги плаќаат истите цени, нели?

Но ако не сте од тука или доаѓате само еднаш-двапати годишно, па дури и ако сте Хрвати, но не и Форани, како што на својот островски дијалект се нарекуваат жителите на Хвар (Фор-For), на пример, ако сте загрепчанец како нашите домаќини, ќе ве шокираат безобразно високите цени на пазарите.

На пример, можете ли да замислите дека 1 килограм домати на пазарот во градот Хвар чини 5 евра?

Или, дека две (и со бројка: 2) црвени, патем, никакви пиперки, чинат цели 3 ипол евра?!?

Значи, вкупно четири (4) домати и две (2) пиперки денес (20.09.2024) на градскиот пазар во Хвар чинат точно 8 ипол евра.

Такашто, муабетот кој пред некој ден го правев со еден пријател, Македонец кој живее во Хвар, дека едвај чека да дојде во родното Скопје за да се најаде, ми станува многу појасен.

На пример, ми вели тој: „Се изнервирав прееска. Жена ми беше на пазар, нарачала една гајба пелати за да направи сос од домати. Кога ги видов такви никакви исушени и мали, а цената да не ја спомнувам, навистина се изнервирав!“

И не е така само со пиперките и патлиџаните, туку со буквално сите намирници и сé друго на островот (на пример, едно Американо и едно мало сокче спакувано во шишенце од 195 мл, чини повторно токму толку – 8 ипол евра) што, колку и да очекуваме „островски цени“, сепак сé уште знаат да нé изненадат па дури и да нé налутат до толку што без воопшто грижа на совест ќе кажеме дека се чувствуваме како разбојници преправени во продавачи на пазарска тезга, да не пљачкосуваат нас, обичните луѓе!

Ај да ве видам направете ајвар со 40 пиперки кои ќе ве чинат 70 евра!!!