Богати се со растителни влакна, витамин Б6, тиамин, бакар, манган и калиум, како и со антиоксиданти вклучувајќи го и витаминот Ц. Навалете, сега им е сезона!
Нивниот мирис и вкус особено не привлекуваат во студените есенски денови. Печени, варени или како десерт со шлаг би можеле почесто да посегнуваме по костените поради нивните хранливи својства, но и голем број здравствени придобивки.
Костените се богати со влакна, витамин Б6, тиамин, бакар, манган и калиум, а во споредба со другите јаткасти плодови, костените се скробни и се единствен извор на витамин Ц.
Содржат антиоксиданти
Костените се исклучително богати со антиоксиданти вклучувајќи го и гореспоменатиот витамин Ц. Покрај тоа, тие исто така содржат и други соединенија – лутеин и зеаксантин и други растителни соединенија вклучувајќи полифеноли, галска киселина и танини.
Нивната улога е да ги заштитат клетките од оштетување предизвикано од слободните радикали и на тој начин да помогнат во заштитата од хронични болести.
Го поддржуваат здравјето на срцето
Калиумот во костенот може да намали некои од факторите на ризик поврзани со срцеви заболувања. Во прилог на тоа оди и рецензијата која покажала дека зголемениот внес на калиум може ефикасно да го намали крвниот притисок, па дури и да го намали ризикот од мозочен удар за значителни 24 проценти.
Подобро варење
Костените се корисен извор на влакна кои го поддржуваат варењето. Влакната, исто така, делуваат како пребиотик кој ги храни корисните цревни бактерии и го поддржува урамнотежениот цревен микробиом.
Костените се и сложени јаглехидрати кои полека се варат, што значи дека спречуваат нагли скокови на шеќерот во крвта што ги прави стабилен извор на енергија за дигестивниот систем.
Здравје на коските
Само 10 костени обезбедуваат 50 проценти од манганот потребен за целиот ден, а некои студии покажуваат дека манганот може да игра важна улога во здравјето на коските.
Освен тоа, истражувањата покажуваат дека околу 43 проценти од манганот се складира во коските.
Во умерени количини, тие се добри за шеќерот во крвта
Споменатите сложени јаглехидрати сами по себе не се добри за регулација на шеќерот, меѓутоа, дополнителните влакна содржани во овие плодови помагаат да се регулира нивното ослободување. Тоа значи дека го спречуваат наглото зголемување на шеќерот.
Дополнително, заштитните антиоксиданти галска и елагична киселина го подобруваат одговорот на клетките на хормонот инсулин, што ја подобрува севкупната контрола на шеќерот во крвта.
Сепак, и покрај сите придобивки, луѓето со дијабетес треба да обрнат посебно внимание на количината што ја консумираат.
Може да помогне во контролата на тежината
Влакната кои се наоѓаат во костенот може да ви помогнат да се чувствувате сити, па затоа се сметаат за добри во умерени количини за луѓето кои сакаат да ја контролираат својата тежина. Студиите на животни сугерираат дека додавањето костени во исхраната може да ја намали акумулацијата на стомачни масти, но сепак, потребни се дополнителни истражувања кај луѓето.
Потенцијални опасности
Бидејќи костените се сметаат за јаткасти плодови, некои луѓе може да бидат алергични и покрај тоа што ги толерираат и кикиритките и јаткастите плодови.
Дополнително, костените во сирова форма се безбедни за повеќето, но бидејќи содржат танини, може да предизвикаат пречки во варењето и мачнини кај некои поединци.