Зет како мед, мед како злато

473

За медот на Горан Радически чиј вкус навистина вреди злато, е доволно да знаеме и дека е оној истиот што го консумираат и тие самите, пчеларот, неговата сопруга Драгана и нивните две малолетни деца. Сите заедно, велат, јадат отприлика 30 тегли од ова течно злато, во текот на годината.

За медот на Горан и Драгана Радически слушам веќе одамна, а најмногу од нивните верни муштерии Јуле и Јорде (производители на ракијата позната под брендот „В’к).
Во неколку пригоди Јуле толку убаво го опишуваше вкусот на нивниот мед, што почувствував како ми се разработуваат плунковните жлезди.
И секако, во првата прилика, на неодамнешниот настан во организација на Слоу фуд Водно (во Јавна соба), чии членови се и едните и другите, конечно го пробав и сфатив дека дури и описот на Јуле не може да го долови неговиот вкус.
Навистина, не сум експерт за мед, ама ова е еден од оние за кои и не треба да сте експерт за да знаете дека е мед-мед.
Нашето прво прашање за Горан, кој е и главниот пчелар во ова четиричлено младо семејство од Скопје, беше токму тоа, како може да разликуваме вистински од лажен мед.
„Во врска со чистината на медот, препорака е секој да си има пчелар од доверба и при купување да го проба тоа што го купува.
Секако, има и неколку брзи начини кои најчесто се користат за проверка, а тоа е – да се сврти теглата и да се види дали се прави меурче кое не многу брзо се движи нагоре, кон врвот, потоа, да се земе од медот и да се види дали тече во непрекината нишка, додека се става во тањирче и да се разреди во вода за да се види како додека се разредува се прави познатиот шестоаголник, односно саќето во кое е правен медот“, објасни Горан.
Сепак, за нивниот мед е доволно да знаеме и дека е оној истиот што го консумираат и тие самите и нивните две малолетни деца, деветгодишната Јана и седумгодишниот Стефан.
Иако не знаат баш точно колку мед јадат како семејство на годишно ниво, велат дека е тоа сигурно повеќе од 30 тегли.


И додека Горан и Драгана имаат веќе воспоставен рутина и наутро на гладно пијат една мешавина од лажичка мед и лажичка полен кои измешани стојат во чаша преку ноќ, а сабајлето им додаваат млака вода и сок од еден лимон, децата најчесто го јадат медот со палачинки, во смути, а навечер пред спиење со топло млеко.

„Четири пати годишно конзумираме една доза чист млеч како бустер на имунитетот, а за децата задолжително, пред почетокот на школската година и на второто полугодие, им даваме од нашите мешавини за подобрување на имунитетот. Во периоди кога има многу настинки и вируси превентивно си прскаме прополис за заштита“, вели Горан и додава дека нему му е омилен шумскиот мед, додека сите други во семејството повеќе го сакаат ливадскиот мед, како и дека освен мед, произведуваат и други пчелини производи како што се прополис, млеч, полен, восок, перга.
Инаку, за да нема забуна кога на нивниот мед ќе прочитате дека пишува „охридски мед од село Коњско, Галичица“, веднаш замоливме за објаснување.


„Таткото на Горан е по потекло од струшкото село Збажди и имаме роднини во Охрид и во Струга и при една прошетка во Охрид, кога го видовме местото во Горно Коњско, веднаш се вљубивме во него. Погледот е прекрасен, се гледа целото езеро, а и природата е пречиста и преубава и како создадена за нашите пчелиу кои се најчесто тука“, објаснува Драгана, чиј татко потоа им купил еден плац таму.
Горан се занимава со пчеларство веќе 10 години, а Драгана помага кога има потреба за тоа и кога ова ѝ го дозволуваат другите обврски.
„За пчеларство имав некакви предзнаења затоа што татко ми во еден период проба да пчелари, но поради низа неубави случувања се откажа, но најмногу научив од мојот учител по пчеларство со кој и ден денес се консултирам и си помагаме.
„Кога станува збор за пчеларство треба да се знае дека тоа бара добро менаџирање, знаење и на некој начин, предвидување за тоа што може да се случи. Секако, пчеларењето бара и време, кое пак некогаш бара прецизност до минута. Во летните месеци има повеќе работа и секојдневна проверка на кошниците, додека во зима има повеќе работа околу продажбата на производите и подготовката на материјал за следната пчеларска сезона“, ни објаснува Горан и додава дека во документарниот филм „Ханиленд“ е донекаде доловен и тешкиот начин додека да се дојде до квалитетен мед и дека му е драго што луѓето можат да видат дека медот не доаѓа сам во теглата.
„Ние не ги плаќаме нашите работници но понекогаш, затоа што работиме селидбено пчеларење, имаме потреба од помош од луѓе – работници кои тешко ги наоѓаме, а и мора да ги платиме. Токму ова е и една од причините за поскапувањето на медот кое се должи делумно и на климатските промени и сечењето на шумите кое значи помалку паша за пчелите и потреба постојано да се преселуваат со што стануваат почувствителни на промените и нивниот број се намалува. Делумно пак, поскапувањето на медот се должи и на поскапувањето на опремата и материјалите што се користат, како амбалажа, медицински алкохол, дрвенарија…“, ни образложи Горан.


Иако се мали, и Јана и Стефан му помагаат во работата со тоа што е Јана позаинтересирана за работата со пчелите, додека пак Стефан, кој има несреќа тие неколку пати досега да го каснуваат на поболни места, најчесто бега подалеку од пчеларникот.
„Стефан повеќе сака да помага во правењето рамки и работи што не се поврзани со работа на пчеларник, додека ќерка ми има повеќе среќа, а и знае дури и да ги фаќа пчелите и ништо да не ѝ се случи па уште не знае колку може да биде болен нивниот убод.
И двајцата помагаат при пакување на медот и правење на рамките, а ние се надеваме дека кога ќе пораснат ќе помагаат уште повеќе и ќе сакаат да го научат целиот процес на пчеларење“, вели главниот пчелар во семејството Радически.


Нивниот мед учествувал неколку пати на домашни натпреварувања на кои бил награден со златни медали, а токму првата златна медала им била потик да продолжат да го работат тоа што го работат и потврда дека работат добро и квалитетно.
„Сега имаме испратено примерок на европски натпревар за мед од каде се уште ги чекаме резултатите за нашиот ливадски мед и се надеваме дека ќе бидат уште едно признание за нашиот заеднички труд со пчелите“, завршуваат тие и веќе брзаат да ги подготват етикетите за претстојните настани за домашни производи на кои редовно учествуваат.