„Шизици на ризици“ во светот на храната: Сите мали производители на едно место

121

Слично како што скопскиот моден бренд „Шизик на ризик“ е инспирација да се верува во себе и во своите корени, и малите производители на традиционална домашна храна обединети во заедницата на Слоу фуд Македонија, се инспирација за сите кои сакаат да ги зачуваат традицијата и корените. Многу од нив почнале на сопствен ризик, токму во моменти кога никој не би се кладел на нивната мисија. Во сабота (9 ноември) во хотелот „Лимак“ во Скопје ќе се одржи третиот Слоу Фуд Салон под мотото „Ние сме заедница“.

Слично на пораката што ја носи со себе веќе препознатливиот дизајнерски моден бренд од Скопје (Шизик на ризик), наменет за сите оние смели луѓе кои се подготвени да ги бркаат своите сништа и тогаш кога никој не би се кладел на нив, малите производители на храна обединети во заедницата на Слоу фуд Македонија ја носат својата порака и идеја за зачувување на традиционалната домашна храна и локална гастрономија. Многу од нив, на сопствен ризик, токму во моменти кога никој не би се кладел на нивната мисија.

Некои, почнувајќи тотално од нула, но сигурни дека она што го прават е дел од носталгичната идеја за едно минато, побезгрижно, поздраво, поспокојно и „повкусно“ време на сите кои се дел од оваа земја и сакаат да ги зачуваат нејзината традиција и култура, биле вистински „шизици“ кои почнале на сопствен ризик нешто на што ќе му ги посветат својот живот и својата работа.

Исто како што скопскиот бренд за облека „Шизик на ризик“ (Sheezick na Reezick) именуван по таа позната ретро изрека, е инспирација да се верува во себе и во своите корени, малите производители на традиционална домашна храна се луѓе кои се инспирација за сите нас кои веруваме во себе и во своите корени и сакаме да ги зачуваме традиционалната домашна храна и култура.

Асоцијацијата со „Шизик на ризик“ е очигледна и од еден друг аспект.

Од својот почеток производите од овој бренд станаа едноставно решение за сите оние кои сакаат со гордост да подарат некому дел од нивното Скопје, како што и производите на малите производители на храна се нешто што сите ние го сакаме на нашата трпеза, но се и нешто што со гордост го подаруваме како дел од нашата традиција и култура.

Во сабота (9 ноември) во хотелот „Лимак“ во Скопје ќе се одржи третиот Слоу Фуд Салон под мотото „Ние сме заедница“.

„Тој е дел од нашата мисија – да градиме, спојуваме и обединуваме. Затоа е насловен: Ние сме заедница! На настанот ќе биде целата мрежа на Слоу Фуд: производителите, активистите, готвачите, младите, експертите, волонтерите, едукаторите…., сите што го носиме знакот на полжавчето и така размислуваме, ќе има шаренило од бои, вкусови, насмевки и енергии, а локалните производи се на пиедесталот: не поради носталгијата, туку поради тоа што тие се нашиот идентитет и култура. Да, ние сме заедница со заедничка мисија, да го спасиме нашето од забревтаната технологија, глобализираната трговија со храна и предизвиците на новото време. Меѓусебно сплотени и поврзани го градиме локалниот систем на храна, обезбедувајќи- наша храна, а тоа е целта на секој член на Слоу Фуд Македонија“, велат организаторите на салонот.

Инаку, Слоу Фуд Салон е уникатен и единствен поради многу нешта и опфаќа повеќе сегменти:
1. Изложба и голем пазар на храна од мали производители
2. Салон на семејни винарии, дестилерии и занаетчиски пивари
3. Конференции посветени на малите производители и едукацијата во Слоу Фуд
4. Семинар за новите иницијативи на Слоу Фуд
5. Мастер класови и работилници за вкус
6. Катче за едукација за деца

Слоу Фуд е заедница чија мисија е да се обезбеди добра, чиста и правична храна достапна за сите.
Слоѕ Фуд салон 2024 ќе се организира со финансиска поддршка на шведската организација We Effect и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија.