Ова е најдобро време да појадувате aко имате висок притисок

Фото: Freepik
74

Дали имате висок крвен притисок? Важно е да појадувате, ама важно е и кога и како појадувате!

Велат дека појадокот е најважниот оброк во денот. Но, дали знаевте дека може да влијае на вашиот крвен притисок? Вистина е!

Истражувањата покажуваат дека луѓето кои го прескокнуваат појадокот имаат поголема веројатност да имаат висок крвен притисок (хипертензија).

Ако сте од оние кои имаат проблем со висок притисок, појадокот богат со хранливи материи може да ги намали вашите бројки.

„Појадокот ги обезбедува основните хранливи материи што му се потребни на срцето за поефикасно да ја врши својата работа, што овозможува подобар васкуларен тонус и крвен притисок“, вели Мишел Рутенштајн, регистрирана диететичарка нутриционистка специјализирана за превентивна кардиологија.

Но, дали знаете кога всушност треба да појадувате за да ги искористите придобивките од појадокот? На тоа прашање одговорија тим стручни нутриционисти, па дознајте кои се нивните препораки.

Кога е најдобро време за појадок ако имате висок крвен притисок

Експертите препорачуваат појадок во рок од еден час по будењето за да се промовира здрав крвен притисок.

„Овој тајминг ќе му помогне на вашето тело рано да одржи урамнотежени нивоа на шеќер во крвта, да го намали оптоварувањето на вашиот кардиоваскуларен систем и да промовира стабилен крвен притисок“, вели Вандана Шет, нутриционистка за растителна храна и сертифицирана специјалистка за дијабетес.

Рутенштајн се согласува, додавајќи дека јадењето во рок од 30 до 60 минути по будењето може да помогне во контролата на крвниот притисок со намалување на нивото на хормонот на стрес кортизол, подобрување на чувствителноста на инсулин и обезбедување на хранливи материи за намалување на крвниот притисок.

Ако сте тип на личност која не појадува, размислете уште еднаш, бидејќи вреди да го додадете овој оброк во вашиот ден, дури и ако не можете да го испланирате да биде во рок од еден час по будењето.

„Секогаш им велам на моите пациенти дека најдобро време за појадок е кога можат да јадат мирно, да уживаат во појадокот и дека е најдобро да изберат време кое најдобро им одговара, за појадокот да стане дел од нивната секојдневна рутина“, вели Кејти Хедли, диететичарка специјализирана за функционална медицина и основачка на Холистички центар за здравје и велнес.

„Не се работи само за тоа што јадете или кога јадете. Мора да успорите и да јадете внимателно, тоа е важно и за варењето и за крвниот притисок“, додава Хедли.

Придобивките од појадокот

Истражувањата покажуваат дека појадокот е поврзан со подобар крвен притисок и кардиоваскуларно здравје.

Спротивно на тоа, истражувањата откриваат дека прескокнувањето на појадокот може да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести за 21 процент.

„Иако ова дефинитивно не е доказ дека поради прескокнувањето на појадокот ќе страдате од висок крвен притисок, студијата сугерира дека постои врска помеѓу појадокот и вашето кардиоваскуларно здравје“, вели Хедли.

Пониски нивоа на хормонот на стрес


Ако го прескокнете појадокот, тоа може да резултира со покачени нивоа на хормонот на стрес кортизол, што може негативно да влијае на вашиот крвен притисок и да го зголеми.

Всушност, истражувањата покажуваат дека прескокнувањето на појадокот може да го наруши ритамот на кортизол, што доведува до повисоки нивоа на кортизол подоцна во текот на денот. Така, она што не го јадете наутро може да предизвика проблеми неколку часа подоцна и негативно да влијае на вашиот крвен притисок.

Добрата вест е дека хранлив појадок може да помогне во балансирање на крвниот притисок со намалување на скоковите во нивото на хормонот на стресот, вели Шет.

Исхрана здрава за срцето

Појадокот е оброк кој може да биде извор на клучни хранливи материи за здрав крвен притисок. „Луѓето со висок крвен притисок треба да се стремат кон нутриционистички добро балансиран појадок кој содржи малку натриум и е богат со калиум, калциум и магнезиум“, вели Рутенштајн. Веројатно веќе сте слушнале дека консумирањето премногу натриум може да го зголеми крвниот притисок.

Сепак, постојат и хранливи материи кои можат да помогнат во намалување на крвниот притисок, особено калиум, калциум и магнезиум.

Кои видови намирници може да ви помогнат да постигнете рамнотежа на овие хранливи материи? „Појадокот треба да вклучува храна како овошје, зеленчук, цели зрна, грав и/или јаткасти плодови, со најмалку 20 грама протеини и ограничена сол“, вели Хедли. „Внимавајте на печива и месни производи, како колбаси, кои можат да содржат изненадувачка количина на скриена сол“, истакнува Хедли.

Помага во регулирање на шеќерот во крвта

„Појадокот може да помогне во регулирањето на шеќерот во крвта и да ја подобри чувствителноста на инсулин“, вели Рутенштајн. Постојаното високо ниво на шеќер во крвта може да предизвика здрвување на крвните садови и намалување на ефикасноста на бубрезите во филтрирањето на крвта. И двете може да доведат до висок крвен притисок.