Како пуканките влегоа во кино-салите?

Фото: Freepik
41

Пуканките влегоа во кината пред околу сто години, за време на Големата депресија во САД и спасија многу кина од банкрот. Сепак, тие се во човечката исхрана илјадници години подолго. А кај нас, пред нив, во кината се јадеа – сончоглед и семки

Пченката била припитомена во Мексико пред околу 8.000 години од дива трева која речиси воопшто не личи на неа. Една од првите сорти била токму таа од која се прават пуканките.

Постојат неколку теории за тоа како настанале пуканките, а некои од нив ќе ги споделиме со вас во продолжение.

Една од најпопуларните теории е дека пуканките биле откриени случајно пред неколку стотици години, кога домородците во Јужна Америка користеле пченка за храна. Легендата вели дека некои домородци оставиле пченка на оган, а зрната експлодирале и се претвориле во она што денес го нарекуваме пуканки.

Друга популарна теорија е дека пуканките биле откриени од американските Индијанци во 16 век. Тие наводно користеле пченка за правење погачи, а кога зрната биле преголеми ги фрлале во оган. Така пченката би се претворила во снегулки кои потоа се собирале на дното на тавата во која се печела погачата.

Сепак, останува прашањето: кога и како пуканките станаа глобално популарни?

За популарноста на пуканките е веројатно одговорна Америка, а станале омилена закуска на крајот на 19 век поради мобилноста. Имено, тогаш биле направени првите парни машини за правење пуканки на улица и станале составен дел на саемите и циркусите, но биле забранети во театрите, а подоцна и во кината.

Според легендата, Големата депресија од 1929 година имала огромно влијание врз нивната популарност на почетокот на 20 век.

Имено, во текот на 1930-тите, луѓето биле сиромашни и не можеле да си дозволат скапа храна во кината, па пуканките станале евтина алтернатива. На сопствениците на кино салите не им требало долго да го сфатат тоа и брзо ги вклучиле во својата понуда.

Како закуска која лесно се подготвува и складира, со карактеристичен мирис кој никого не остава рамнодушен, пуканките брзо ги преплавиле кино салите ширум Америка.

Кинематографите развиле машини за пуканки кои брзо и ефикасно ќе произведуваат големи количини од ова солено задоволство. Од тогаш до денес, пуканките станаа незаменлив дел од кино искуството. Со текот на годините, тие доаѓаат во различни вкусови, но една работа остана иста – сè уште се омилена закуска во кино салите и домаќинствата ширум светот.

Пуканките и денес носат значителни приходи во кината бидејќи пченката е евтина, а оваа закуска лесно се подготвува. Плус, можете да ги добиете свежо подготвени и топли многу брзо непосредно пред филмот.

Психолозите велат дека ги сакаме пуканките затоа што нивното крцкање ни носи задоволство додека грицкаме, но и затоа што вкусот и мирисот на оваа закуска будат носталгија и убави спомени, со оглед на тоа што е дел од многу убави моменти во нашите животи. Меѓу другото, веројатно сме ги грицкале додека сме го гледале омилениот филм.

Сепак, кај нас, многу пред пуканките, во кино се јадеа семки и сончоглед. Главниот проблем беше што откако ќе се запалеа светлата, целата сала беше полна со лушпи.