Сефтето на еден пивар: Кога хобито доби бандерола, а пасијата стана професија

Фото: Приватна архива
323

Му раскажувале дека летото 1995-тата било пеколно. Иако сѐ уште бил во стомакот на мајка му, до него стасала некоја голтка пиво. На неполни 20 си ветил дека пред 30-тата ќе има своја крафт пивара, а сега, неколку месеци пред 30-тата нашиот соговорник ја реализираше својата амбиција, ја направи пиварата и го извади своето прво пиво со бандероли и со сите салтанати – „Сефте“.

Дарко Трајковски е дипломиран економист, на прагот од четвртата деценија. Да, да, ова сигурно ќе му звучи страшно бидејќи тој всушност, допрва ќе го прослави јубилејниот 30-ти роденден, но така отсекогаш велеле повозрасните луѓе. Демек, полните 30, а тие ви велат, аааа, ја раситни четириесетката, а кога полните 50, како да не ви е доволно тешко, па ви велат, ааа, ја раситни шеесетката. Јас со време се навикнав, ама сега обожувам да им го правам ова на оние на кои полнењето 30, 40, 50, 60, итн, им е сè уште шок.
Како и да е, нашиот соговорник Даре е во моментов ангажиран на повеќе фронтови – како фриленс водач за развој на бизнис (Head of Business Development) кадешто има соработка со повеќе клиенти, како претседател и лидер на Слоу Фуд Водно и како управител на Белеза Бруинг. Е сега, ако се прашувате што е ова последново, веднаш да објасниме. Станува збор за неговата микро-пивара која си зацртал да ја отвори пред да наполни 30. Затоа беше целиот оној вовед со годините.
„Идејата за овој проект е стара 10 години. Си зацртав уште во 2015 дека пред да наполнам 30 би сакал да отворам микро-пивара и тоа да ми биде примарна дејност. Еве ме неколку месеци пред 30-тата и идејата полека стана реалност. Мислам дека сега е прав момент самата крафт пиварска сцена во Македонија да го промени оној став дека во странство има многу добри крафт пивари, а кај нас нема и сме многу назад“, вели Даре кој очигледно, кога си го зацртал овој негов план, немал ни 20 години.
Би рекле, сè уште луди години, па можеби си мислите дека неговите родители и семејството се надевале дека ќе му помине, но тој вели дека не е така.
„Многу ми е драго што можам да кажам дека имам поддршка од моето семејство уште од самиот старт. Навистина сум благодарен затоа што знам дека секогаш можам да се потпрам на нив, дали за пофалби или за критики, тоа зависи од квалитетот на пивото“, се смее тој.
Иако експериментира веќе десет години, неговото прво официјално „Сефте“ е неговото прво пиво со етикета, бандерола и сè што треба.
„До неодамна, пивото ми беше само хоби за свое задоволство, но од 2025, со добивање на сите документи за отворање крафт пивара, можам да кажам дека ми станува приоритет број 1“, вели Дарко додека ни точи од неговото „Сефте“.

Од првата голтка додека уште бил во стомакот на мајка му, преку Америка и Белгија – до своја пивара

Нормално, нас нè интересираше како воопшто почнал неговиот интерес за пиварството и кога за првпат во животот пробал пиво, дали тоа било додека бил малечок па му дале само да лизне, дали во семејството се пиело доста пиво, дали ја памти првата голтка.
„Според она што ми го имаат раскажувано – летото 1995 било навистина пеколно жешко, па така првото пиво го имам дегустирано уште пред да се родам“, се смее Дарко.
Сепак, вистинската љубов започнала додека бил во Америка, во 2015 година, во Ешвил, Северна Каролина (град со преку 50 крафт пивари).
„Првиот мој обид со правење пиво беше во Америка, со човек кој имаше искуство во правење пиво во домашни услови. Тогаш ги научив првите чекори од оваа техника.

Потоа патував низ Белгија и во рок од една недела посетив повеќе од 10 пивари каде главните мајстори ми го проширија знаењето околу технологијата и линијата на производство. Во периодот на короната пак навлегов во книгите и за првпат во животот станав бубалица. Ги извадив од под креветот сите учебници по хемија и почнав од почеток. Потоа се префрлив на стручната литература посветена на пиварството и така си ги продлабочував знаењата“, раскажува Дарко.
Неговиот прв експеримент и вовед во производството на пиво во Македонија бил всушност, правењето сајдер, со исклучиво македонски јаболка.
„Тогаш тешко се доаѓаше до намирници за производство на пиво, па мојот прв обид беше сајдер. Но, на првиот пивски салон организиран од Марјан Костадиновски (Сакампиво.мк), се запознавме со Предраг кој штотуку ја отвараше специјализираната продавница за намирници за пиво – Пиводром и така тргна сè“, вели тој.

За првенчето и за Слоу фуд


Иако „Белеза Бруинг“ е мала работилница, опремата во неа, вели, е по сите стандарди – инокс, смарт уреди и техничка прецизност.
„Првото пиво е светло нефилтрирано Munich Helles. Следно доаѓа ИПА, а потоа и други стилови, зависно од сезоната. Консументите ќе кажат што е најуспешно“, вели Дарко со скромност.
Неговата пивара е десеттата лиценцирана пивара во Македонија, ако се брои и индустриското производство. Од она што го нуди домашната сцена, Даре особено ужива во Пале Але од битолчаните „Бак“, Калеш од скопјаните „Пиволабс“, а го споменува и експерименталното пиво со бозел на Трајче Митрески, производител на пивата „Курајбир“.
Првото официјално пиво на Дарко, пак, неговото „Сефте“, го имааше првиот настап на неодамнешниот слоу фуд пазар во Јавна Соба.


„Реакциите беа позитивни, времето идеално, а гостите – жедни. Најубаво чувство е кога си се враќаш дома лесен, без залихи“, раскажува Дарко со насмевка надоврзувајќи се и на својата поврзаност и лидерството во Слоу Фуд Водно.
„Моите уште од рана возраст се стремеа да се храниме здраво и локално. Често имаа луѓе за сѐ, дали за свеж зеленчук и овошје, дали за добро сирење и млеко или пак за некои сувомесни производи. Затоа, зачленувањето во Слоу Фуд и нејзината филозофија, ми дојдоа некако природно. Јас сум член уште од 2018-та и со тек на времето доста се поврзав со приказната. Минатото лето собранието одлучи да даде поддршка на младите и јас бев изгласан за лидер на самиот конвивиум во Скопје- Слоу Фуд Водно“, објаснува нашиот соговорник.
Во неговата околина нема некој што не е заразен со филозофијата на слоу фуд, а нему му е мило што е и тој барем делумно заслужен за тоа.
„Мило ми е поради тоа што делувавме да се промени мислењето дека сѐ што е увозно и странско е со подобар квалитет од тоа што е локално и наше“, вели младиот лидер на Слоу фуд Водно.

За готвењето, за иднината и за уште многу нови пива. Наздравје!


Кога не прави пиво, Дарко се фаќа за спремање храна. На секој друштвен собир, вели, не дозволува никому да му се меша во скарата, а во последно време се испраксирал и со фурната на дрва во семејната викендичка.
„Додека бев во Америка работев во кујна и морам да признаам дека некогаш ми фали… тоа е доста стресна, но и интересна работа“, вели тој.
А за крај, се навраќаме повторно на пивото и го прашуваме дали има машки и женски пива?
„Не, не постојат такви поделби, постојат лесни и тешки пива. Девојките обично сакаат ароматични и овошни пива, а мажите сакаат нешто појако и погазирано. Но најбитно е да се пробаат сите стилови – можеби ќе откриете дека, всушност, обожавате пиво“, завршува младиот пивар.
Со „Сефте“ Дарко не само што се претстави како пивар – туку отвори ново поглавје во домашната крафт сцена. Со многу љубов, знаење и поддршка, Белеза Бруинг ветува многу класични, но и многу нови, експериментални вкусови, „од сега, па понатаму“, како што пишува и на самата амбалажа.