Наут за намалување на холестеролот, црн грав за воспалениja
Наутот и црниот грав се богати со диететски влакна, протеини од растително потекло и биоактивни соединенија, а лесно се консумираат
Јадењето една шолја варен наут дневно може значително да го намали високиот холестерол, според ново истражување презентирано на конференцијата NUTRITION 2025 во Орландо.
Студијата во траење од 12 недели ја спровеле истражувачи од Illinois Institute of Technology и ги истражувала ефектите од консумирањето една чаша наут или црн грав дневно кај 72 возрасни лица со предијабетес.
Наутот во секојдневната исхрана влијае на високиот холестерол
Учесниците биле распределени по случаен избор да јадат наут, црн грав или ориз (кој бил користен како контрола) покрај нивната редовна исхрана. Наутот и црниот грав биле избрани затоа што се богати со диететски влакна, со протеини од растително потекло и биоактивни соединенија и лесно се консумираат, велат истражувачите.
На почетокот, средината и крајот на студијата биле земани примероци од крв за да се следат промените во холестеролот, воспалението и нивото на шеќер во крвта.
Според студијата, вкупното ниво на холестерол значително се намалило, од просек од 200,4 на 185,8 милиграми на децилитар, по 12 недели секојдневно консумирање наут. Од двете тестирани мешунки, само наутот покажал способност за намалување на холестеролот.
– Не забележавме никакви значајни промени во нивото на холестерол кај луѓето кои јадеа црн грав. Наутот, исто така, се чини дека го намалува воспалението, барем на краток рок, но забележавме значително намалување на високо-сензитивниот Ц-реактивен протеин (hs-CRP) по 6 недели консумирање. Овој протеин е маркер што се користи за мерење на воспалението во телото. Сепак, овој ефект беше поништен до 12-та недела. Иако hs-CRP беше сè уште понизок во 12-та недела во споредба со почетната вредност, разликата повеќе не беше значајна, објаснува докторантката Морган Смит од Illinois Institute of Technology.
Се истражува како мешунките влијаат на цревниот микробиом
„Ова е нешто што моментално го истражуваме, посебно во однос на биоактивните компоненти што го разликуваат црниот грав од наутот. Го анализираме (поли)фенолниот состав на обете интервенции и нивните метаболити во крвта. Учесниците во студијата живееја нормално и едноставно беа замолени да вклучат конзервиран црн грав или наут во нивната редовна исхрана, без посебни упатства за подготовка“, истакнала Смит.
Иако студијата не нашла промени во нивото на шеќер во крвта, истражувачите продолжуваат да анализираат податоци од тестови за регулирање на гликозата и планираат да истражат како мешунките влијаат на цревниот микробиом.
„Особено сме заинтересирани за идентификување на промените во микробните метаболити, како што се масните киселини со краток синџир, и како овие промени можат да придонесат за подобрени резултати од метаболичкото здравје. На крајот, нашата цел е подобро да ги разбереме механистичките врски помеѓу исхраната, микробиомот и превенцијата од хронични заболувања“, вели Смит.
Врз основа на наодите од истражувањето, Смит вели дека луѓето со дијабетес често имаат нарушен липиден метаболизам и хронично воспаление со ниско ниво, што придонесува за развој на срцеви заболувања и дијабетес тип 2.