Со какао против деменција: Флаваноидите може да го забават губењето на меморијата
Ново истражување на Медицинскиот центар на американскиот Универзитет Колумбија во Њујорк, покажало дека учесниците на возраст од 50 до 69 години, кои три месеци конзумирале какао, покажале значителни подобрувања во меморијата. Некои дури покажале и способности за меморија слични на оние кај луѓе кои се помлади со децении.
Пиењето какао може да го забави губењето на меморијата поврзано со возраста кај здравите постари возрасни лица, посочува ново истражување од Медицинскиот центар на американскиот Универзитет Колумбија во Њујорк. Испитувањата биле сосредоточени на дентатниот гирус – клучен дел на хипокампусот во мозокот, одговорен за функцијата на меморијата, кој обично се намалува со возраста.
Во клиничкото испитување засновано на случаен избор, учесниците на возраст од 50 до 69 години, кои три месеци конзумирале пијалак од какао збогатен со флаваноиди, покажале зголемена активност во оваа област во мозокот и значителни подобрувања во меморијата. Некои дури покажале и способности за меморија слични на оние кај луѓе кои се помлади и со децении.
Специјалниот напиток од какао ги зачувал природните флаваноиди кои често се губат за време на редовната обработка на чоколадо – а, тоа всушност, го прави и поделотворен.
Флаваноидите, инаку, се наоѓаат и во чајот, овошјето и зеленчукот, но не сите извори обезбедуваат исти придобивки за мозокот. Истражувачите нагласуваат дека типичните чоколадни производи не можат да го заменат какаото, поради нивната ниска содржина на флаваноиди и високо ниво на шеќер. Ова откритие, според научниците, дава надеж дека исхраната може да го подобри здравјето на мозокот и да помогне во борбата против деменцијата кај повозрасното население.