Совршена комбинација: Медитеранска храна со македонски шмек
Кога ќе ви замириса на печена риба и на печени пиперки во исто време, значи дека се подготвува најдобрата и најздрава комбинација од медитеранската и од македонската кујна
Ако го почувствувате мирисот на печена свежа риба и на печени пиперки, веројатно се подготвува најздравата и највкусната комбинација која слободно може да ја консумирате секогаш кога имате можност.
Уште ако ви се на располагање свежи морски риби од типот на орада, па уште и ако ги испечете на скара, премачкани со ладно цедено маслиново масло со 5 ѕвездички и свеж рузмарин, тогаш навистина ве очекува кралски оброк.
А како прилог, печени пиперки и печени модри домати со многу лук, маслиново масло и оцет, па мали слатки домати со кромид, модри патлиџани и домашно вино….
Најдобрата здрава храна на светот, нели?
Денес, нутриционистите препорачуваат медитеранска исхрана, која вклучува житарки, овошје и зеленчук, мрсна риба и млечни производи со ниска масленост. Исхрана базирана на влакна, антиоксиданти, витамини, минерали, квалитетни протеини, сложени јаглехидрати и незаситени масти се препорачува од многу експерти, а токму во оваа исхрана почесно место има консумирањето риба.
Експертите препорачуваат дека за да се одржи здравјето, треба да се јаде риба најмалку двапати неделно. Луѓето кои редовно јадат риба го намалуваат ризикот од мозочен удар, депресија и когнитивен пад. Омега 3 масните киселини играат значајна улога во развојот на церебралниот кортекс, подобрувајќи ја меморијата.
Орадата е типична медитеранска риба. Таа се одгледува и на специјализирани фарми веќе неколку години, па има попристапна цена. Орадата се карактеризира со бело и цврсто месо.
Орадата е нискокалорична, не содржи јаглехидрати и има мала содржина на масти.
Секако, во недостаток на свежа, може да се купи и замрзната риба. Кога станува збор за подготовка на орада, нема ограничувања. Највкусна е секако, премачкана со маслиново масло и со медитерански зачини.
За нас, на кои пиперките ни се дел од традиционалната кујна, нема подобра комбинација од таа во која, ако тие не се во главна, тогаш се барем во споредна улога. Пиперките се богати со хранливи материи – витамини и минерали, а околу 100 грама печени пиперки содржат само 25 калории по порција, не содржат нездрави масти или холестерол и имаат по 1 грам диететски влакна и протеини.
Секако, модриот патлиџан е само прилог плус. Со богатиот микронутритивен состав, модриот патлиџан е извор и на моќни антиоксидативни состојки. Уште и искомбиниран со многу лук и ќе го заокружите оброкот после кој нема да чувствувате грижа на совест, дури и ако се прејадете.


