Домашни лиснати печива со јаболки: Се сеќавате на питите од Мекдоналдс?

18

Ако бевте љубител на оние мали питички со јаболка од Мекдоналдс, испробајте го овој рецепт за домашни лиснати печива кои ќе ви го доловат препознатливиот вкус, но во многу поквалитетна варијанта затоа што, домашно си е сепак домашно, нели?

Ако секогаш сте мислеле дека правењето лиснато тесто е премногу комплицирано за вас, испробајте го овој рецепт за вашите први лиснати печива кој го имаат вкусот на оние питички со јаболка од Мекдоналдс кои на многумина им беа омилени и нема промашување.

Еве што ви треба:

Состојки за тестото:

170 г брашно

1 лажичка шеќер

1/2 лажичка сол

170 г путер

6 – 8 лажици ладна вода

Состојки за филот:

4 јаболки

пола лимон

1 лажица цимет (или по вкус)

1 лажица шеќер

1 лажичка густин

малку вода

1 јајце за премачкување

Приготвување

Се меша брашното со шеќерот и солта и потоа се додава путерот кој треба да биде ладен (може да го оставите на 5 минути во замрзнувач пред да почнете) и исечкан на коцки (околу 1,5 – 2 цм).

Нежно со раце се меша путерот со брашното колку да се залепи брашно на коцките. Потоа лажичка по лажичка се додава водата (во садот од кој што земате вода ставете 1-2 коцки мраз затоа што доколку е водата топла или на собна температура, ќе го омекне путерот и нема да го добиете саканиот резултат).

После секоја лажичка вода се меша со раце и минимално се гмечи путерот.

Смесата не треба да биде многу влажна затоа што потоцна путерот ќе го соедини тестото.

Откако ќе се измеша водата, смесата се става на работна маса и нежно со прсти се формира правоаголник со дебелина од околу 2,5 цм.

Потоа тестото се витка на три дела (како писмо) и се остава 2 часа во фрижидер.

Се лупат јаболката и се сецкаат на коцкички, се цеди лимонот врз нив и се додаваат циметот и шеќерот. Се става смесата на оган и се вари додека не омекнат јаболката (треба да бидат меки ,но не да се распаѓаат).

Во меѓувреме се меша густинот со 2 лажици вода.

Откако ќе омекнат јаболката се додава густинот и се меша кратко додека не се згусне смесата. Потоа се остава да се олади целосно.

После два часа се вади тестото од фрижидер, се наросува работната маса со брашно и се сука повторно во правоаголник, но овој пат потенко, околу 1 цм.

Се витка на три дела, исто како и претходно.

Потоа тестото се врти за пократката страна да дојде накај нас и пак се сука во правоаголник и се витка на три дела. Оваа постапка се повторува вкупно 6 пати.

Секој пат тестото ќе станува се похомогено и похомогено.

Откако ќе го направиме шестото виткање го оставаме тестото во фрижидер најмалку 15 минути до 24 часа. Најдобро е да го оставите до наредниот ден.

Рерната да загрева на 200 степени. Откако ќе го извадите тестото од фрижидер го оставате 5 минути да се стабилизира и малку да омекне.

Потоа го сукаме во правоаголна форма со дебелина од 2 – 3мм. Го сечеме тестото на 8 еднакви парчиња и на едната половина од парчето ставаме од смесата со јаболка.

Потоа го преклопуваме со другата половина и нежно со вилушка ги притискаме ивиците за да се залепат горното и долното тесто. Се премачкуваат со јајце и се печат околу 20 – 30 минути.