Почнува сезоната на ротквици: Го штитат црниот дроб и го регулираат крвниот притисок

Фото: Unsplash
34

Ротквиците се одличен извор на витамин Ц, кој го зајакнува имунолошкиот систем и ги штити клетките од оксидативен стрес, но содржат и калиум, важен за регулирање на крвниот притисок, и витамини од групата Б кои учествуваат во енергетскиот метаболизам. И не е само тоа…

Како што се приближува пролетта, пазарите повторно стануваат поживи и поразновидни, а ротквиците се меѓу првите сезонски намирници што привлекуваат внимание.

Многу луѓе го користат овој зеленчук со привлечна боја и препознатлив, благо пикантен вкус само како додаток во салати, но нутриционистите истакнуваат дека ротквиците нудат многу повеќе од само декорација на чинијата. Тоа е намирница која е лесна, свежа, нискокалорична и исклучително богата со хранливи материи.

Извор на витамини

Ротквиците се одличен извор на витамин Ц, кој го зајакнува имунолошкиот систем и ги штити клетките од оксидативен стрес, но содржат и калиум, важен за регулирање на крвниот притисок, и витамини од групата Б кои учествуваат во енергетскиот метаболизам. Покрај тоа, тие содржат и природни растителни соединенија како што се глукозинолати и антоцијанини, кои имаат антиоксидантни и антиинфламаторни својства.

Благодарение на нивната висока содржина на вода и влакна, ротквиците поттикнуваат чувство на ситост без додавање дополнителни калории, поради што често се препорачуваат за луѓе кои сакаат да одржат здрава телесна тежина. Влакната во ротквиците го поддржуваат варењето, ја подобруваат функцијата на цревата и го стимулираат лачењето на дигестивните сокови, што го олеснува разградувањето на храната.

Сојузник на црниот дроб

Покрај тоа што се добри за дигестивниот систем, ротквиците се сметаат и за природен сојузник на црниот дроб. Соединенијата што им го даваат нивниот карактеристичен вкус ја стимулираат функцијата на црниот дроб и лачењето на жолчта, што може да биде корисно за луѓе кои сакаат полесно да ја варат масната храна или генерално да одржуваат балансирана исхрана.

Не залудно за Велигден нема трпеза на која покрај мрсното печено јагнешко месо, нема да се најде и зелена салата со црвени ротквици. Многу луѓе не знаат дека ротквиците содржат и соединенија кои можат да помогнат во намалувањето на надуеноста и малку да ги стимулираат процесите на детоксикација во телото.

Најчесто се јадат свежи, во салати или како крцкав додаток во сендвичи, а одлично одат со маслиново масло, јогурт, урда или сок од лимон.

Супи, варива…

Може да се обработат термички накратко, што го омекнува нивниот пикантен вкус, а воедно ги задржува повеќето од нивните хранливи материи. Она што е особено интересно е што нивните листови се исто така јадливи – тие се богати со витамин Ц, калциум и железо, па затоа можат да се користат во супи, варива или како основа за песто. Иако многу луѓе ги фрлаат, листовите од ротквица се всушност највредниот дел од растението од хранлива гледна точка.

Ротквицата е толку едноставна, сезонска и здрава храна што ја освежува чинијата, но исто така носи и голем број придобивки за организмот. Затоа нутриционистите препорачуваат да ги вклучиме во нашата секојдневна исхрана, особено во пролетните месеци кога се највкусни и најбогати со хранливи материи.