Овој напиток е богат е со антиоксиданти и влакна, а за неговата боја е заслужен виолетовиот сладок компир убе
Ако сте поминале барем неколку минути скролајќи низ Инстаграм или Тик-Ток во последните месеци, веројатно сте забележале дека кафето повеќе не е само кафе. Стана мал ритуал, визуелно задоволство и, искрено, содржина што сакаме да ја споделиме. По години доминација на зелените мача лате и топлите, златни пијалаци со куркума, на сцената доаѓа нова ѕвезда – убе лате, интензивно виолетов пијалак кој веќе ги освои Азија, Австралија и САД, а сега полека ја освојува Европа.
Природен сладок компир
Убе е всушност виолетов сладок компир роден во Југоисточна Азија, особено популарен на Филипините. Се користи во десерти со генерации, но дури сега доживува глобален бум, во форма на лате кое изгледа како да поминало низ некаков неверојатен дигитален филтер, но всушност е сосема природно.
Неговата предност во однос на мачата, која со својот земјен и малку горчлив вкус честопати не им одговара на сите, лежи во неговата природна сладост. Убето е кремасто, нежно, со дискретни ноти на ванила и кокос, па затоа им изгледа познато и утешно дури и на оние кои го пробуваат за прв пат. Друга негова предност е фактот што не содржи кофеин, што го прави совршен избор за секој што сака да го одржи ритуалот на пиење топол пијалак, но без забрзан пулс и нервоза.
Сепак, овој виолетов хит не е само уште еден минлив тренд, туку дел од многу поширока приказна. Приказна за тоа како културата на лате напитоци буквално го освои светот во последните неколку години. Порано избиравме помеѓу еспресо, капучино и евентуално долго кафе, а денес влегуваме во кафулиња кои нудат цела палета на вкусови и текстури, каде што кафето се претвора во креативно платно. Во една шолја можете да ја почувствувате сладоста на карамелата, во друга кремаста нота на кокос, додека третата ве води до топлината на циметот или сезонската носталгија на тиква. Некои се вртат кон понежни, цветни ароми како лаванда и роза, други експериментираат со ф’стаци или дури и комбинации слични на десерт, како лате од банана леб. Во исто време, се појавуваат сосема неочекувани варијации – од пијалаци со активен јаглен, до оние со куркума или цвекло, до верзии на лате со печурки, колаген или протеински додатоци. Повозрасните дури и не можат да разберат што е на пример, pumpkin spice latte, pistachio latte, lavanda latte, banana bread latte ili matcha strawberry latte.
Границата помеѓу пијалак и оброк полека се замаглува, а лате станува нешто помеѓу задоволство, енергија и мал личен ритуал.
Не е тешко да се види зошто ваквите пијалаци станаа толку популарни. Добро е познато дека прво „јадеме“ со очи, а интензивните бои и пенестите структури совршено функционираат на социјалните медиуми.
Во исто време, нивните вкусови се поблаги и подостапни од класичното црно кафе, привлекувајќи ги дури и оние кои никогаш не биле големи обожаватели накафе. Исто така, постои и третиот, можеби најважниот елемент – чувството дека правиме нешто добро за себе. Без разлика дали избираме пијалак без кофеин, млеко на растителна основа или додатоци во исхраната кои ветуваат повеќе енергија и подобра рамнотежа, целата приказна е завиткана во идејата за грижа за себе.
Иако често се вели дека ова е тренд што ѝ припаѓа на генерацијата Z, вистината е малку посложена. Помладите генерации го започнаа бранот, но тој брзо се прошири меѓу миленијалците, па дури и меѓу постарите кои се подготвени да ја заменат својата утринска рутина со нешто ново и малку поинтересно. На крајот на краиштата, не станува збор толку за возраста колку за начинот на живот, за желбата да се направат секојдневните навики поубави, побавни и посвесни.
Богатство од антиоксиданти
Во сето ова, убето се издвојува како совршен симбол на моментот во кој се наоѓаме. Естетски е привлечен, доволно различен за да биде интересен, но исто така и доволно благ за секој да може да го прифати. Покрај тоа, носи и одредени нутритивни придобивки. Богат е со антиоксиданти слични на оние во бобинките, содржи влакна и може да се вклучи во балансирана исхрана, секако, ако не претеруваме со засладувачи и сирупи. Во свет каде што дури и кафето има свој идентитет, јасно е дека повеќе не пиеме само кофеин. Пиеме искуство, естетика и малку бегство од секојдневниот живот.
Направете го вашето убе лате
Ако целата приказна ве заинтригира, добрата вест е дека можете да направите убе лате дома, и тоа е многу лесно. Еве како:
Состојки:
2–3 лажички убе во прав
150–200 мл топло млеко (кравјо или растително, по желба)
Мед, јаворов сируп или засладувач (по желба)
Подготовка:
Додадете убе во прав во чаша. Истурете топло млеко и добро промешајте или направете пена. Додадете засладувач по желба. За „кафе атмосфера“ – направете пена или додадете шот еспресо.