По случајот во врска со неоставањето бакшиш за кафе кој го опишал на Редит еден гостин во кафуле во Хрватска, се отвори онлајн дебата на оваа тема. Што мислите вие и дали оставате бакшиш како гости во некој угостителски објект?
Едно одење на кафе во Хрватска се претворило во непријатно искуство кое е предмет на дискусија на Reddit последниве денови. Гостинот опиша ситуација со келнер што предизвика жестока дебата за бакшишот, високите цени и квалитетот на услугата во угостителската индустрија.
Како што напишал гостинот, сметката за кафето била 2,20 евра, а тој за него платил 3 евра. Бидејќи келнерот не му го вратил кусурот, тој го замолил за истиот, на што келнерот наводно одговорил: „А што е со бакшишот?“ Оваа реакција предизвика бројни коментари и ги подели корисниците на социјалните мрежи.
Многу корисници истакнаа дека поради постојано растечките цени во кафулињата и рестораните, тие оставаат бакшиш сè поретко или целосно се откажале од нив.
– Порано секогаш ја заокружував сметката, но денес цените се толку високи што веќе не оставам ништо – напиша еден корисник.
Некои признаваат дека поретко одат во кафулиња и ресторани поради зголемувањето на цените. Една корисничка опиша како нејзината пријателка, која има големо семејство, сега претпочита да ги кани гостите на кафе во паркот и да го носи кафето во термос, што многумина го коментираа како убаво и практично решение.
Покрај високите цени, корисниците го истакнаа и квалитетот на услугата како голем проблем. Многумина се жалат на незаинтересираните келнери, долгите чекања, нечистите маси и лошиот третман кон гостите.
– Зошто би оставил бакшиш ако келнерот не дошол на масата два часа за да праша дали ни треба нешто друго, а на крајот морав сам да одам до барот за да ја платам сметката? – напиша еден корисник.
Некои велат дека ова со бакшишот е негативно влијание на американската култура, во која оставањето бакшиш е речиси задолжително. Според нив, бакшишот не треба да биде нешто што се зема здраво за готово, туку награда за квалитетна услуга.
Во дискусијата често се споменува и дека келнерите се веќе платени за својата работа, како и работниците во други професии.
– Зошто би плаќале некому дополнително кога веќе е платен за својата работа? Никој не им дава бакшиш на медицинските сестри, пилотите или градежните работници – напиша еден коментатор.
Сепак, некои луѓе сè уште оставаат бакшиш кога се задоволни од услугата и ставот на персоналот.
Додека во некои земји бакшишот е задолжителен, во регионот и, секако, кај нас, тој останува доброволен, но сепак често очекуван гест.
Социјалните норми и очекувањата можат да варираат, но генерално се смета дека оставањето бакшиш е знак на благодарност за добрата услуга и внимание.
Во зависност од квалитетот на услугата, клиентите можат да одлучат да остават повеќе или помалку, но стандардот кој често се користи како ориентир е од 10 до 20 проценти од вкупната сума.