Оваа намирница може да му помогне на телото да се ослободи од нанопластиката

Фото: Pexels
90

Ферментираната храна како кимчи природно содржи корисни бактерии кои имаат позитивен ефект врз здравјето на цревната микробиота

Во последниве години, се повеќе се зборува за микропластиката и нанопластиката што ја внесуваме преку храната, водата, па дури и воздухот. Мали пластични честички се пронајдени во крвта, белите дробови, плацентата и другите ткива, поради што научниците интензивно бараат начини да ја намалат нивната акумулација во телото.

Нова студија од Јужна Кореја даде интересни резултати. Научниците открија дека одредени корисни бактерии од кимчи, традиционално корејско ферментирано зеленчуково јадење направено од кинеска зелка, ротквица и друг зеленчук со додавање на чили, лук, ѓумбир и зачини, би можеле да му помогнат на телото природно да елиминира дел од нанопластиката.

Студијата, објавена во престижното научно списание Bioresource Technology, ја спроведоа истражувачи од World Institute of Kimchi. Нивната цел беше да тестираат дали бактериите што се формираат за време на ферментацијата можат да ги врзат нанопластичните честички пред да ги апсорбира организмот.

Тајната е во бактериите

Во центарот на студијата беше бактеријата Leuconostoc mesenteroides CBA3656, една од природните млечнокиселински бактерии присутни во кимчито. Лабораториските експерименти покажаа дека таа е способна да врзе дури 87 проценти од честичките од полистирен нанопластика. Она што особено го привлече вниманието на истражувачите беше фактот дека дури и во услови што го имитираат човечкото црево, таа ја задржа способноста да врзе повеќе од половина од нанопластиката, додека другите тестирани бактерии речиси целосно го изгубија овој ефект.

За да тестираат дали овој механизам има ефект и во жив организам, научниците спроведоа експеримент на глувци без развиена цревна микробиота. Животните што ги примија гореспоменатите бактерии излачија повеќе од двојно повеќе нанопластика во столицата во споредба со контролната група. Ова сугерира дека бактериите можат да се врзат за пластичните честички во цревата и да спречат нивна апсорпција во телото.

Иако резултатите звучат многу охрабрувачки, самите автори предупредуваат дека тие не треба да се толкуваат како доказ дека јадењето кимчи го „чисти“ човечкото тело од пластика. Истражувањето не е спроведено врз луѓе, туку во строго контролирани лабораториски услови и на животински модел. Покрај тоа, не е секое кимчи исто – количината и видовите бактерии варираат во зависност од методот на подготовка и ферментацијата.

Здравјето на природната цревна флора

Експертите истакнуваат дека ќе бидат потребни клинички студии за да се утврди дали истите бактерии можат да имаат ист ефект во човечкиот дигестивен систем, кој е значително посложен од лабораториските модели. Исто така, ќе биде потребно да се утврди дали таков пристап навистина ја намалува акумулацијата на нанопластика во органите и дали може да придонесе за долгорочна заштита на здравјето.

Сепак, кимчито сè уште се смета за вредна ферментирана храна богата со пробиотици кои можат позитивно да влијаат на здравјето на природната цревна флора. Новото истражување отвора можност одредени соеви на овие бактерии да најдат примена во иднина во борбата против сè поприсутниот проблем со нанопластично загадување на телото. Сепак, конечните заклучоци ќе мора да почекаат за резултатите од истражувањата врз луѓето.