Ако сакате сирење за мерак…Еве лесен рецепт

1.781

Кога сакате да знаете што има во тоа што го јадете и сакате да е вкусно и здраво, па дури и ако станува збор за сирење, направете си сами

Наместо да се жалите дека сирењето што сте го купиле во маркет има лош мирис или дека во него има сѐ освен млеко, дека е полно со адитиви и што уште не, пробајте да си направите еднаш сами.

Сирење?! Па зошто да не.

Нашата читателка Љубица Мрчковска – Бубе, ни испрати многу едноставен рецепт, едноставно објаснување и фотографии кои ветуваат.

Ви го пренесуваме рецептот со надеж дека ќе ве поттикне да го испробате и сами.

Состојки:

3 литри кравјо млеко (по можност домашно, од прверен извор)

Сок од 1 лимон

1 лажица сол или по вкус, помалку или повеќе

Приготвување:

Сварете го млекото до вриење, а во меѓувреме ставете му ја солта. Подгответе газа за цедење (најдобро е да биде дупла) и цедалка.

Кога ќе почне да се подигнува пената, мешајте за да не претече млекото. Првин ставете пола од лимоновиот сок и продолжете да варите 2 минути. Кога ќе почнат да се прават грутчиња, додадете го останатиот сок од лимон и постојано мешајте.

Грутчињата се сѐ поголеми. Продолжете уште 2 минути додека се одвои бистра сурутка. Процедете ја сурутката, но не ја фрлајте. Може да се пие или да ја искористите за правење пецива.

Сирењето што ќе остане во газата убаво исцедете го, па ставете одозгора нешто потешко (сад со вода на пример). Нека стои вака барем еден час и – тоа е тоа!

Можете ако сакате да си додадете и други зачини во вашето домашно сиренце, по вкус.