Авокадото не е само за гвакамоле! Дајте му шанса да не биде здодевно

Фото: Freepik
328

Кога ќе се спомне авокадо, некако најмногу помислуваме на сендвич во кој ќе ставиме неколку тенко исечени парченца авокадо или, најчесто, на гвакамоле. Имаме два малку поинтересни рецепти со авокадо

Иако не е локална намирница, не може да му се одземат сите оние здравствени придобивки кои се резултат на тоа што авокадото содржи вистинско богатство од здрави хранливи состојки.

Но и покрај тоа што со години слушаме за нутритивните придобивки од авокадото, спаѓаме или во групата што го сака или во групата која во широк лак го избегнува ова овошје. Похрабрите, кои ќе излезат од својата комфорна зона, можеби ќе му дадат шанса, но таа често завршува неславно. Најчеста причина за тоа е што купуваме незрели авокада и ги јадеме самостојно.

Повеќе од гвакамоле

Авокадото совршено ќе се вклопи со друга храна, па неговиот вкус, кој некои го сметаат за безличен, ќе се изгуби и ќе стане навистина вкусен. Кога велиме авокадо, веднаш помислуваме на гвакамоле сос, кој е навистина убав, но со текот на времето може да стане монотон и малку досаден. Затоа, донесуваме два едноставни и брзи рецепти кои ќе ви помогнат да ја прекинете рутината и да им обезбедите на вашите непца нови димензии на вкусови.

Чамци од авокадо

Ова е одлична идеја за хранлив оброк кој може да ви биде и појадок и ручек и вечера.

Состојки за четири порции:

2 зрели авокада, преполовени и без семка
4 јајца
сол
мелен црн пипер
3 парчиња сланина (по желба)
свежо сечкан млад кромид, за декорација

Приготвување:
Загрејте ја рерната на 180°C.
Во садот за печење ставете ги авокадата.
Скршете едно по едно јајце во сад и ставете по една жолчка од јајце на секоја половина од авокадото.
Потоа, додадете со лажица онолку белка колку што ќе собере во издлабените половини од авокадото.
Зачинете со сол и црн пипер и печете додека не се стврднат белките и жолчките.
Во меѓувреме, во голема тава на средна топлина, испржете ја сланината додека не стане крцкава. Исечкајте ја и пред сервирање, ставете ја врз авокадото со исчеканиот млад кромид.

Чипс од авокадо

Кој вели дека чипсот не може да биде здрав? Докажете го спротивното со овој рецепт.

Состојки:

1 големо зрело авокадо
75 грама рендан пармезан
1 лажичка сок од лимон
1/2 лажичка лук во прав
1/2 лажичка италијански зачини
сол
мелен црн пипер

Приготвување:

Загрејте ја рерната на 160°C и обложете две тепсии со хартија за печење.
Во сад изгмечете го авокадото со вилушка додека смесата не се изедначи.
Измешајте пармезан, сок од лимон, лук во прав и италијански зачини. Додадете сол и црн пипер.
Ставајте топчиња од смесата со големина на лажичка на плехот за печење, оставајќи простор помеѓу секое топче.
Секое топче израмнете го на околу седум сантиметри ширина со задниот дел од лажицата.
Печете ја смесата додека не стане крцкава и златна, околу 30 минути, а потоа оставете ја целосно да се излади.
Послужете на собна температура.

Хранливи својства

Авокадото содржи вистинско богатство од здрави нутритивни состојки и затоа може да стане вашето омилено овошје во секојдневната исхрана. Едно авокадо содржи околу 1.000 милиграми калиум, што е, за споредба, двојно повеќе од количината во една банана. Богато е со магнезиум и витамини Е, Ц, К и Б. Покрај тоа, содржи околу две третини од дневната потреба за фолна киселина. Поради добрите, незаситени масти, се покажало дека е добро за луѓето со повисоко ниво на HDL холестерол. 13,5 грама влакна во еден плод ќе обезбеди поволни ефекти за побавно зголемување на шеќерот во крвта. Лесно сварливите протеини со кои е богат може да бидат дополнителен плус во неговиот избор.

Како да го изберете вистинското авокадо

Нема да згрешите ако купите потврдо авокадо и ако го оставите да созрее на собна температура и потоа да го преместите во фрижидер. Ќе знаете дека авокадото е зрело ако неговата кора добие малку кафена боја, а самото овошје стане помеко.

За да спречите оксидација, додадете неколку капки сок од лимон врз исеченото авокадо.