Богата е со антиоксиданти: Редовното консумирање на мускатна тиква може да ги намали притисокот и холестеролот, како и ризикот од рак на бели дробови

260

Една шолја содржи само околу 80 калории, но и вистинско богатство на есенцијални материи

Батернат (мускатна) тиквата е богата со растителни влакна, бројни витамини и минерали, како и антиинфламаторни омега-3 масни киселини, а нејзиното редовно консумирање може да помогне во намалување на крвниот притисок и нивото на холестерол.

Омилена е поради нејзиниот благ, јаткаст вкус, што ја прави исклучително сестрана намирница во кујната, бидејќи може да се користи за подготовка и на слатки и на солени рецепти.

Дневен внес на витамини А и Ц

Една шолја мускатна тиква содржи само околу 80 калории, но и вистинско богатство на есенцијални материи за нашето тело: витамини А, Ц, Е, Б1, Б3, Б6 и Б9, магнезиум, калиум и манган, како и калциум, железо, фосфор и бакар. Една таква шолја обезбедува повеќе од 450 проценти од препорачаната дневна доза на витамин А, кој е клучен за регулирање на растот на клетките, здравјето на очите, кожата и коските, како и за имунолошките функции, како и 50 проценти од препорачаната дневна доза на витамин Ц, нужен за имунолошките функции, синтеза на колаген, заздравување на раните и регенерација на ткивата.

Едно истражување покажало дека исхраната богата со антиоксиданти какви што се наоѓаат во мускатната тиква, како каротеноидните антиоксиданти и витаминот Ц, го намалува ризикот од одредени тумори, особено од рак на белите дробови. Оваа скапоцена зимска намирница може да се пече, да се вари во вода или на пареа, да се пасира или да се динста, а омилена е како основа за густи супи или пире.

Многу често мускатната тиква е првата храна за бебињата, а од неа можете да направите сокови, џемови, пити, колачи, компоти и други јадења.