Во моментов нема научни докази кои покажуваат дека розовата хималајска сол има повеќе здравствени придобивки од обичната кујнска сол. Замената на кујнската сол со розови гранули може да помогне во намалувањето на внесот на натриум, но, како и со секој друг вид сол, треба да внимавате на дневниот внес, кој повеќето луѓе го надминуваат.
Хималајската сол со години е на врвот на листата на намирници кои станаа вистински хит во светот на здравата исхрана. Овие розови „гранули“ се значително поскапи од класичната кујнска сол. Тие освоија многумина, а сето тоа поради тврдењата дека помагаат за зачувување на здравјето, пред се затоа што содржат 84 скапоцени минерали неопходни за телото.
Но, колку има вистина во тврдењата дека е исклучително здравa и дека се исплати да се издвојат повеќе пари за неа затоа што наводно има бројни придобивки за нашиот организам?
Во морето на маркетинг за хималајската сол, повремено добиваме вести дека всушност нема рудници за сол на Хималаите и дека солта за која скапо плаќаме всушност доаѓа од Полска и други места. Одредени извори наведуваат и дека плаќаме скапо за само неколку корисни минерали во трагови.
Бидејќи има толку многу видови сол, од морска, хавајска до хималајска, логично е прашањето која е најдобра. Во сите нив, главната состојка е натриум хлорид, само мали количини на други супстанции се разликуваат, пишуваат на веб-страницата Sciencebasedmedicine.
Затоа, розовата хималајска сол е хемиски слична на кујнската сол. Содржи до 98 проценти натриум хлорид. Остатокот се состои од минерали во трагови, како што се калиум, магнезиум и калциум, кои на солта ѝ даваат светло розова нијанса и специфичен вкус.
Наводни здравствени придобивки
Во однос на здравствените придобивки, бидејќи содржи околу 98 проценти натриум хлорид, тоа значи дека оваа сол има само околу два проценти минерали.
Со оглед на релативно ограничените количества на овие супстанции во количината на сол што вообичаено ја консумираме, малку е веројатно дека може да ни обезбеди некои значајни здравствени придобивки, пишува medicalnewstoday.
Меѓутоа, сомнителни се и тврдењата дека хималајската сол има помалку натриум од кујнската сол. Како што е наведено, и двете се приближно 98 проценти натриум хлорид.
Но, розовата сол обично е во поголеми кристали од кујнската сол, така што технички може да содржи помалку натриум по кафена лажичка.
Некои, исто така, веруваат дека розовата сол може да му помогне на телото да постигне оптимален баланс на течности и да спречи дехидрација.
Вистина е дека натриумот е неопходен за одржување на правилен баланс на течности во телото, но тоа важи и за натриумот од други извори како и за хималајската сол.
Од друга страна, со хималајската сол треба да се внимава на внесот на јод.
Јодот е минерал кој му е потребен на телото за одржување на правилното функционирање на тироидната жлезда и клеточниот метаболизам.
Одлични извори на јод се рибата, морските плодови, млечните производи и јајцата. Јодизираната кујнска сол е уште еден вообичаен извор на овој минерал, а хималајската сол содржи помалку јод од кујнската сол.
И покрај фактот дека розовата хималајска сол содржи само мали количини на дополнителни минерали, многу луѓе сè уште тврдат дека има бројни здравствени придобивки.0
Наводни здравствени придобивки од хималајската сол: Помага при болести на респираторниот систем; Ја балансира pH вредноста во телото; Ги намалува знаците на стареење; Го подобрува квалитетот на сонот; Го регулира шеќерот во крвта; Го зголемува либидото.
Нема научни докази
Вистината е дека повеќето од овие тврдења не можат да бидат поддржани со некое сериозно истражување.
На пример, солените соби како третман за разни белодробни заболувања може да бидат од одредена корист, но генерално, потребни се поригорозни истражувања за да се тестира нивната ефикасност, пишува HealthLine.
Од друга страна, некои од овие тврдења се всушност само нормални ефекти на натриум хлорид во телото, така што овие придобивки ќе ги добиете од секаков вид сол.
На пример, истражувачите откриле дека исхраната со многу малку сол може да предизвика проблеми со спиењето, па затоа е јасно дека внесувањето доволно сол е од суштинско значење за квалитетен сон.
Меѓутоа, студијата не ја испитала розовата хималајска сол, така што е ова веројатно ефект на натриум хлоридот од која било сол.
Исто така, минералите во розовата хималајска сол не се присутни во доволно големи количини за да имаат какво било влијание врз pH рамнотежата на телото. Белите дробови и бубрезите ја регулираат pH вредноста на телото без помош на хималајска сол.
Понатаму, шеќерот во крвта, стареењето и либидото примарно се контролирани од други фактори освен солта во исхраната и едноставно нема научни студии кои покажуваат дека хималајската сол може да има некоја од овие здравствени придобивки.
Во моментов нема научни докази кои покажуваат дека розовата хималајска сол има повеќе здравствени придобивки од обичната кујнска сол. Замената на кујнската сол со розови гранули може да помогне во намалувањето на внесот на натриум, но, како и со секој друг вид сол, треба да внимавате на дневниот внес, кој повеќето луѓе го надминуваат.
Затоа, хималајската сол не треба да се смета за гарант за здравјето додека легитимните клинички студии не го докажат спротивното, пишува Sciencebasedmedicine.