Единствениот рецепт за гранола што некогаш ќе ви треба

Фото: Pexels
118

Овој основен рецепт за гранола можете да го збогатите со различни комбинации на состојки – само по ваш вкус

Гранолата или крцкавите мусли се меѓу најпопуларните избори за појадок поради неколку причини – брзо се подготвуваат, имаат одличен вкус и здрави се. Или не? Наспротив здравиот имиџ, некои видови мусли купени во продавница се толку преполни со масти, шеќер и калории што треба целосно да се избегнуваат.

Решение? Направете сами домашна гранола бидејќи тогаш точно ќе знаете кои состојки ги има во неа и колку шеќер содржи. И како бонус, можете да ја направите само по ваш вкус, со вашите омилени состојки (или она што моментално го имате дома).

Овој основен рецепт за секогаш одлична домашна гранола совршено се комбинира со свежо овошје и грчки јогурт за добро балансиран, здрав појадок. И еден трик – ако немате свежо овошје, можете да го засладите со домашен џем.

Состојки:
200 гр снегулки (овесни снегулки, спелтини, ‘ржани…)
100 гр сецкани бадеми
50 гр семки од сончоглед
30 гр здробено ленено семе
6 лажици мед или јаворов сируп
2 лажици кокосово масло
1 лажица екстракт од ванила (по избор)
прстофат сол
Комбинациите се навистина безброј, бидејќи трите основни состојки – снегулки, засладувач и масло – можете да ги комбинирате со додатоци по избор, како што се:

јаткасти плодови (бадеми, лешници, ореви…)
семки (сончоглед, чиа, лен…)
сушено овошје (боровинки, суво грозје, смокви, урми…)
зачини (цимет, кардамон, ѓумбир, каранфилче…)
парчиња чоколадо, мелен кокос…

Приготвување:
Загрејте ја рерната на 150 степени. Ставете хартија за печење во тепсијата.

Измешајте ги сите суви состојки заедно. Додадете мед и кокосово масло (стопете го ако не е течно) и добро измешајте додека сите состојки не станат „влажни“ и лепливи.

Истурете ја смесата во плехот и израмнете ја. Ако сакате покрупна гранола, добро втиснете ја. За поситна гранола нема потреба – во тој случај можете да ја промешате неколку пати за време на печењето.

Печете околу 20 минути додека не порумени.

Оставете да се излади (можеби преку ноќ). Прерместете ја во тегли (ова е совршено време за ставање на додатоци по желба, суво овошје или парчиња кокос). Гранолата може да се чува на собна температура до 2 недели, замрзната до 3 месеци.

Послужете со јогурт, млеко или грицкајте ја како ужина. Добар апетит!