Гордон Ремзи советува: Нарачајте што сакате, само немојте „супа на денот“

Фото: Pexels
554

Меѓу трите мудри совети на познатиот британски готвач е и оној дека кога сте во ресторан, треба да избегнувате да нарачате „супа на денот“ бидејќи многупати таму го ставаат она што останало од вчера.

Славниот британски готвач Гордон Ремзи направи долга кариера истражувајќи ги рестораните кои пропаѓаат, откривајќи ги сите нивни тајни и недостатоци.

Toj ги открива за Дејли Мејл неговите три златни правила за вечерање во ресторан, советувајќи ги клиентите да бидат претпазливи на секое место што дава „сомнителни коментари“ за квалитетот на нивната храна. Придавките како „познати“ или „најдобри во земјата“ без други докази кои би ги поддржале ова, го вклучувале алармот кај готвачот бидејќи секогаш го терале да се прашува: „Кој го вели тоа? Кој ги нарекол така?”

При снимањето на серијата „Kitchen Nightmares“, која доживеа дури 14 сезони, искусниот готвач развивајќи ја оваа единствена вештина, научил како да предвиди дали во некој ресторан ќе добие ужасен оброк и пред воопшто да биде послужен.

„Една работа која секогаш ме предупредува е кога ќе влезам во некој ресторан и веднаш ќе добијам маса. Кој било добар ресторан мора да биде 98 отсто полн. Ако влезете во некој ресторан и веднаш добиете маса, нешто не е во ред со тој ресторан“, вели тој.

Готвачот, исто така, имал посебен трик за да ги набавите најдобрите шишиња вино по поволна цена, велејќи дека треба да ја побарате листата „bin end“ која се состои од шишиња со изгребани или стари етикети кои не се продаваат добро.

Тој предлага да побарате да ви предложат шише за не повеќе од 30 евра, бидејќи очигледно ова може да биде таен начин да добиете недоволно ценет пијалак на својата маса без да ве чини премногу.

Ремзи објаснил и дека еден ресторан не може да има 27 специјалитети, туку би требало да има едно или две посебни јадења во текот на денот.

Сепак, врвниот совет на Ремзи е за јадење што не треба да го избирате кога келнерот ќе дојде и ќе ви го предложи. Имено, како третo нешто што треба да го избегнувате кога сте во ресторан, предупредува тој, е „супа на денот“ бидејќи многупати таму го ставаат она што останало од вчера.