Каде се пијат најдоброто кафе и лимонада во Охрид, по пристојни цени? Најдовме малечко слатко кафуле со голема душа

4.976

Дали ќе го земете со себе или пак ќе седнете меѓу другите гости кои во ова мало кафуле во Охрид го пијат првото утринско кафе, сеедно, ќе добиете навистина добро кафе, онакво со кое денот може само на убаво да тргне. Па дури и ако сте од оние, „скопјанчиштата“… А и цените се пристојни… и тоа не само како за „охриѓаништана“…

Кога е нешто убаво и со душа, некако се намирисува од далеку. Ние го здогледавме или можеби и буквално го намирисавме кафето што се правеше таму, уште пред да ја поминеме улицата. Мислам на булеварот „Туристичка“ во Охрид.

Се разбира, беше утро и ни требаше кафе, првото утринско. А ако не ви се погоди првото кафе, се знае, некако се чувствувате лошо, како да не ви тргнал ни денот. И потоа навистина не тргнува, сѐ нешто наопаку ви оди.

Затоа, кога го здогледавме ова местенце за кафе, се надевав дека нема да ја утнеме работата со утринското кафе. И не ја утнавме. Иако пишуваше „кафе за носење“, кога се доближивме видовме дека внатре има четири-пет масички, речиси пополнети од луѓе кои изгледаа како да дошле на гости кај некого дома, а не како да се гости во кафуле.

И навистина не сме биле далеку од вистината.

Човекот зад шанкот кој ни кажа дека се вика Владимир Сарафилоски и ни раскажа неколку работи за ова мало слатко кафуле, рече: „Ова се нашите секојдневни гости, пријатели, наши луѓе, ама се разбира дека се добредојдени и сите други.

Според кафето што го добивме и цената која ја плативме за него, очигледно, добредојдени се дури и скопјани. Шега на страна, тука навистина се пие најдоброто кафе во Охрид, со многу пристојна цена од 130 денари за дури две макијата.

„Јас сум тука вработен, а кафулето е на мои другари со кои, не е дека немавме каде да пиеме кафе претходно, ама немаше каде да се напиеме кафе со овој квалитет какво што го нудиме ние тука. Имаме 100 проценти Арабика, Или и Карера, накусо, најдобрите италијански кафиња, ама познати сме и по најдобрата домашна лимонада во градот која ја правиме по наш рецепт. Прашајте кого сакате во Охрид каде има најдобра лимонада и ќе видите, ќе ве испратат кај нас“, се пофали Владимир.

И така, наместо да си ги земеме кафињата и да ги пиеме по пат накај нашата следна дестинација, село Рамне, не одолеавме и седнавме таму. А внатре, навистина секој со секого се знае, а сепак не се чувствувате непријатно или како да сте упаднале непоканети на приватна журка. Напротив, наеднаш и вие се чувствувате како дома.

Навистина, ова мало кафуле со името „The cups“, е она што се вели, мало место со голема душа.

Што се однесува до лимонадата, таа се прави по нивен рецепт и навистина е лимонада иако во неа има и по некој цеден портокал кој, како што вели Владимир, му дава малку поинаков вкус.

„Ние додаваме и малку шеќер, зашто луѓето не сакаат кога е многу кисело, ама нема никакви други вештачки додатоци, сосема е природна и  по наш рецепт. Цедени лимони во комбинација со портокал, ѝ дава навистина подобар вкус. Природна, без други додатоци освен малку шеќер“, објаснува Владимир и додава дека тука, освен кафе и лимонада, можете наутро да „дрмнете“ и по некоја чашка ракија или ликер, онака, по стариот добар македонски обичај.

И така, иако ние се задржавме само на кафето, со добро кафе наутро, навистина не може да имате лош ден. За остатокот од денот во село Рамне, поточно, во домаќинството Пирустија Неданоски, ќе читате наскоро, надолго и нашироко, токму тука, на „Арт кујна“.