Кoга си сам и тажно е сѐ…Направи си сутлијаш

1.121

Незнам за вас, ама мене сутлијашот ми е асоцијација на дома и на мајка ми. Сликата на чиниите и шолјите полни со сутлијаш попрскан со цимет кои мајка ми топли ги редеше во послужавник, е секогаш слика која ми буди сеќавања на задоволство, среќа и љубов. Можеби затоа е секогаш и добра утеха…

Сите знаеме што е сутлијаш, слатко, едноставно и евтино јадење, типично за Балканот, велат, по потекло од Турција. Оригиналното име „sütlaç“, како што се нарекува во Турција, доаѓа од зборот „Sütlü aş“, што во превод значи „готвена храна со млеко“⠀Ова јадење првично било широко распространето во турската кујна, а до денес се препознава како млечен десерт низ целиот свет.

Основни состојки се млекото, оризот и шеќерот. Најубав е кога е попрскан со цимет.

Некои му додаваат и пудинг од ванила, некои суво грозје или чоколадо, некои наместо цимет ставаат потпечени здробени лешници, но како и да го направите и како и да се вика на сите светски јазици сутлијашот секогаш има позитивно значење и потсетува на задоволство и среќа, а се поистоветува со љубов.
Барем за мене сутлијашот е секогаш асоцијација на љубов, на дома и на мајка ми. Сликата на чиниите и шолјите полни со сутлијаш попрскан со цимет кои таа онака топли од сутлијашот ги редеше во послужавник, е секогаш слика која ми буди сеќавање на детството, на период кога ако сакав сутлијаш требаше само да побарам и за еден час сите можни шолји и длабоки мали чинии веќе беа полни. Можеби затоа е секогаш и добра утеха во секое време од денот.
Овој сутлијаш е направен токму онака како што го правеше мајка ми, со домашно кравјо млеко.

Состојки:
1 голема шолја ориз

4 големи шолји млеко

4 големи шолји вода

3 рамни лажици кафеав шеќер (или помалку, по вкус)

1 ванилин шеќер

Приготвување:

Оризот се остава барем половина час во вода и се плакне убаво.

Се зовриваат млекото и водата на тивок оган, се додаваат шеќерот и оризот и се вари на тивко со повремено мешање додека оризот не се свари и додека не се згусне.

Уште топол се истура во садови кои претходно треба да се исплакнат со вода и се остава да се излади.

По желба се поросува со цимет или со нешто друго по вкус.

Сепак, стариот добар стулијаш од нашето детство беше токму овој наједноставниот, поросен со цимет.