На кафе за Лео, во Бифе Тафталиџе

404

Скопјанецот Саша Шотаровски е организатор на уште една хумана акција во своето Бифе Тафталиџе. Овојпат, за осумнаесетгодишниот Леонид Индов, момчето кое по несреќата на летувањето во Грција е на лекување во Солун, дише на апарати и не може да ги движи екстремитетите. Наместо да го платите кафето, во недела (27.08), во Бифе, завртете на телефоните за донација

Деновиве на социјалните мрежи сите го споделуваат повикот за помош за младиот скопјанец Леонид Иванов кој за време на својот одмор во Грција доживел несреќа со страшни последици.

Имено, осумнаесетгодишното момче ги повредило третиот, четвртиот и петтиот пршлен и било итно пренесено во Солун, каде што му се направени неколку успешни операции, но во моментов, како што велат, дише на апарати и не може да ги движи екстремитетите.

Поради сериозноста на повредите, Леонид не може да биде префрлен во Скопје, туку се наоѓа на одделот за интензивна нега во солунската болница, а трошоците за лекување и постоперативна рехабилитација чинат 200 илјади евра.

На повикот се одзва и скопјанецот Саша Шотаровски, сопственик на популарното Бифе Тафталиџе. Тој ги покани сите кои во недела (27.08), од 12 до 17 часот ќе дојдат на кафе во Бифе, наместо да го платат кафето, да ги свртат телефоните за донација и да помогнат да се соберат потребните пари за помош на нашиот млад сограѓанин на кој му претстои долготрајно и скапо лекување.

Шотаровски веќе има организирано ваква акција за собирање донации за настраданите во земјотресите во Турција и во Сирија.

Секако, на Леонид може да му се помогне и без доаѓање во Бифето, само со донирање на телефоните: А1 – 143 500 или Телеком – 143 118 или на банкарските сметки за донација.

Леонид Индов е ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје и во септември 2023 требаше да почне со настава во IV година.
На социјалните мрежи се споделува и податокот дека момчето било дел од тимот што го освои првото место на меѓународниот натпревар NASA Space Apps Challenge.