Ништо модерно, само јајца, пиперки и кромид, ама…

148

Јајцата се домашни и ако не сте пробале досега домашни јајца, не сте пробале јајца… И кому му требаат фенси комбинации кога има пиперки и јајца?!

Забележувате дека сите наеднаш станавме експерти за храна, нели?
И сите, или барем сите, а јас речиси задолжително, што се вели, таква ми е работата, ја фотографираме храната пред да ја изедеме.
Честопати, ниту луксузниот и модерен ентериер, ниту пак одлично дизајнираните и фенси оброци не се гаранција дека ќе јадете квалитетно и вкусно.

Фала му на Господ, сѐ уште има нешта кои освен што изгледаат вкусно, се и навистина вкусни, иако не се аранжирани ала Мишелин и не се воопшто фенси, туку се едноставни и послужени во чинии стари со децении, а сепак се токму такви какви што треба да бидат.

На пример, дали има нешто поубаво од пиперки со јајца?

Па уште и ако имате среќа да најдете селски, домашни јајца, од овие жолтите како сонце, ќе имате боговски ручек од само 3 состојки: пиперки, кромид и јајца.

Да не се разбереме погрешно, фенси кујни и ресторани и да, многу сакам и фенси храна, сакам кисело, благо и луто, свежи лососи, блитва и рукола, месо прелеано со пекмез од кромид, брокула со маслинов зејтин, лимон и брусница, сакам сѐ и сешто, ама многу почесто не сакам ништо од ова.

Сакам само да сум на некое едноставно и мирно место, кадешто полесно се дише, да си работам со поглед на планина, а за ручек да се накркам со пржени пиперки, кромид и домашни јајца.

И да си ги излижам прстите.