Нова најава за бомби ширум Македонија: Овојпат, идентитетот на бомбашите е познат

921

Турчинот Акин Сезер, инаку, производител на органски зеленчук во Охрид, е иницијатор на зеленото бомбардирање кое ќе се случува на 21 март низ цела Македонија. Оваа, како што ја нарекуваат неговите пријатели од Слоу фуд Македонија кои ја проширија иницијативата ширум земјата, пролетна офанзива, се состои од фрлање на бомби од компост, глина и семиња. Сезер кој самиот одгледува околу 183 видови на зеленчук, повикува на масовност

Нашиот соговорник Акин Сезер, Турчин женет за охриѓанка, кој е веќе познат како производител на органски зеленчук на својата фарма во Охрид, постојано смислува начини како да придонесе за реформирање на нашите навики во исхраната и кулинарството.Овојпат, тој е иницијатор на таканареченото зелено бомбардирање и заедно со неговите пријатели и истомисленици од Слоу фуд, кои ја проширија иницијативата ширум целата држава, предлага сите да се придружиме на зеленото бомбардирање на 21 март и да бидеме дел од нивната пролетна офанзива: „Фрли цветна бомба“.

Станува збор за иницијатива која треба да ја подигне свеста за драматичното опаѓање на бројот на опрашувачите, како пеперутките, пчелите и бумбарите кои играат клучна улога во одржувањето на биодиверзитетот, заради употребата на токсични пестициди и монокултури и иницијатива која ќе ги охрабри луѓето да преземат активности за подобра иднина.

Затоа, цветните бомби кои се направени од комбинација на компост, глина и семиња масовно ќе се лансираат преку sидовите или оградите и во недостапни области и запуштени локации, ниви или покрај патиштата, симболично, токму на денот на пролетта ширум Македонија.

Нашиот соговорник смета дека Македонија има многу земја за засадување и дека сите можеме да почнеме од некаде, па дури и оние кои живеат во згради, можат да си засадат нешто во саксија на своите тераси. Нему му се обративме затоа што бевме љубопитни да го прашаме какво е неговото искуство со одгледувањето на некои видови зеленчуци кои не се вообичаени кај нас, како што се артичоките и аспарагусот, но и многу други кои знаеме дека ги одгледува на својата органска фарма.

„Врз основа на моето искуство, морам да кажам дека почвата, воздухот и водата само чекаат да се сретнат со семето за да пораснат сите видови на зеленчук.

Затоа имам вкупно 183 видови зеленчук кои се испробани во мојата градина и во моментов чекаат повторно да се сретнат како семиња. Јас околу 3 години правев различни истражувања за да започнам со земјоделскиот бизнис. Често добивав информации од експертите, земјоделците и дури еден месец волонтирав на една фарма во Турција. Инаку сум од егејскиот дел, а меѓу незаменливите зеленчуци во нашата кујна се токму артичокот, баклата и дивиот аспарагус напролет. Најпрво, кога ја најдов својата нива и почнав со спремањето, семките од овој зеленчук ги набавив од пријатели кои споделија со мене стари семиња. Освен тоа, донесов и семиња за разновидни домати, пиперки, модар патлиџан и друг зеленчук за да пробам.

Во Македонија на почетокот ми беше најтешко да се информирам од овдешните производители, да им ги објаснам моите планови и да побарам помош, бидејќи тие генерално се придржуваа до пазарните традиции во производството и ограничената разновидност. Многу луѓе дури и ми се смееја поради мојата различна листа на производи и особено поради мојата посветеност на органското земјоделство. Всушност, артичокот и аспарагусот се повеќегодишни растенија кои кога ќе се навикнат на нивната локација, секоја година даваат плод како дрво. Тука се уште скапи затоа што количината на овие намирници е мала, но, главната причина зошто се скапи е и поради ниските потрошувачки навики. Имено, ако има повеќе потрошувачи, се зголемува производството, а ако се зголеми производството, цената поевтинува“, објаснува Сезер додавајќи и дека поголемиот дел од производите во неговата градина се можеби и за првпат испробани во Македонија.

Сезер вели дека целиот процес на работа, од терен до пазар, е многу макотрпен и долг процес, но дека колку повеќе посредници има, толку е поголема цената на производите.

„Продажните и ценовните политики кои земјоделците ги доживуваат одвреме-навреме, поради посредниците, многу ги растажуваат. Дури познавам луѓе кои се откажале од земјоделството поради ова. Јас како органска фарма на Сезер, се трудам да ги продавам своите производи од фарма, но и се фокусирам на видовите што можам да ги искористам како сосови и други производи во тегли во мојата област. Обично се трудам да го доведам моето производство до последната точка, а ништо да не се фрли. На пример, дали остана некој кој не пробал од нашите ајвар, лутеница, макало со артичок и аспарагус“, се смее тој.

И самиот е многу отворен во поглед на нови вкусови и намирници, па уште од своето детство вели дека испробувал безброј видови зеленчуци со различни техники на готвење.

„Ќе споделам со вас една фраза што лично ја слушнав од постарите, а таа гласи: Ако еден ден не можете да најдете нешто за да зготвите дома, прошетајте низ дворот“.

Затоа, вели, зеленчукот е негов избор, иако тој и неговото семејство најмногу го сакаат во комбинација со месо.

„Беше потешко да ја навикнам жена ми на зеленчук отколку син ми, но сега научи да готви многу добри јадења од зеленчук“, додава Акин и истакнува дека најважно од сè е да ги реформираме нашите навики во исхраната и кулинарската култура, па токму затоа повикува на масовно бомбардирање на 21-ви, а еве и инструкции за тоа како можете да ги подготвите своите бомби.