Пиењето само една чаша млеко дневно може да го намали ризикот од рак на цревата
Пиењето чаша млеко дневно го намалува ризикот од развој на рак на цревата за речиси една петтина, покажа најголемата студија од овој тип спроведена до сега.
Истражувачите од Универзитетот во Оксфорд велат дека го пронашле досега најсилниот доказ дека калциумот штити од развојот на оваа смртоносна болест.
Тимот исто така открил дека пиењето чаша вино дневно го зголемува ризикот од развој на рак на цревата за 15 проценти.
Експертите кои ја спровеле студијата потсетуваат дека луѓето треба да се грижат за урамнотежена исхрана, да одржуваат здрава телесна тежина и, доколку пушат, да се откажат од пушењето – сето тоа за да се намали ризикот од развој на рак на цревата. Секоја година на 44.000 луѓе во Велика Британија им се дијагностицира оваа болест.
Резултатите од нивното истражување покажуваат дека една од дваесет жени и еден од седумнаесет мажи во Велика Британија ќе бидат дијагностицирани со рак на цревата во текот на нивниот живот.
Повеќе од половина од таквите случаи може да се спречат. Научниците тврдат дека 13 отсто од нив се предизвикани од конзумирање преработено месо, а 11 отсто од прекумерна тежина и дебелина.
Најновото истражување, објавено во списанието Nature Communications, испитувало 97 фактори на исхрана и нивното влијание врз ризикот од развој на рак на цревата кај 542.778 жени кои учествувале во студијата Million Women, глобална студија за здравјето на жените.
Ова е една од најголемите проспективни студии за здравјето на жените во светот. Во неа се вклучени повеќе од 1,3 милиони жени од Велика Британија во периодот помеѓу 1996 и 2001 година и оттогаш се води евиденција за здравствените резултати.
Студијата е иницирана со цел да се добијат сигурни информации за ризиците поврзани со различните видови хормонска терапија во менопаузата, но нејзината цел е да обезбеди информации за ефектите на бројни други фактори кои би можеле да влијаат на здравјето на жените како што тие стареат.
За време на последователен период од речиси 17 години, 12.251 жена развиле рак на цревата, при што недостатокот на калциум и консумирањето алкохол имаат најсилен ефект врз развојот на промените поврзани со развојот на овој вид на рак во споредба со сите други испитувани фактори на исхрана.
Научниците откриле дека во просек дополнителни 300 мг калциум дневно, што е еквивалентно на голема чаша млеко од 240 мл или неколку чаши јогурт, резултирале со 17 отсто намалување на ризикот од развој на рак на цревата.
Студијата, исто така, покажала дека калциумот има сличен ефект врз спречувањето на развојот на рак на цревата без разлика дали се консумира од млечни или немлечни извори, што покажува дека главниот фактор за намалување на ризикот е калциумот. Студијата не го испитувала ефектот на суплементите на калциум.
Истражувачите велат дека е земен предвид внесот на калциум од млекото (вклучувајќи го и она што се додава во чајот и кафето), калциумот од јогуртот, зеленчукот и другите извори, но поврзаноста со производите од сирење и сладоледот не е јасно наведена во студијата.
Сепак, тие тврдат дека нема посебна причина зошто не треба да се земат предвид производите од сирење, како и сладоледот. Можеби учесниците во студијата едноставно не консумирале големи количини од овие намирници.
Истражувачите исто така откриле дека 20 грама алкохол на ден (што е еквивалентно на средна чаша вино или половина литар пиво) го зголемува ризикот од развој на рак на цревата за 15 проценти.
Студијата ги потврдила и претходно познатите податоци дека преработеното месо и црвеното месо го зголемуваат ризикот од развој на рак на цревата, поточно, консумирањето 30 г од овие намирници дневно е поврзано со осум проценти зголемување на ризикот.
Водачот на студијата, Др. Керен Папиер, вели дека се потребни дополнителни истражувања, но истакнува дека „ова е најсеопфатната поединечна студија досега спроведена за врската помеѓу исхраната и развојот на рак на цревата, истакнувајќи ја заштитната улога на калциумот во потенцијалниот развој на оваа болест. “
Истражувачите тврдат дека заштитната улога на калциумот би можела да биде поврзана со способноста на овој најзастапен минерал во човечкото тело да се врзува за жолчната киселина и слободните масни киселини во еден дел од цревата, со што се намалува нивниот ефект врз промовирањето на развојот на ракот.
Експерименталната работа на стаорци, исто така, покажала дека повисоките нивоа на калциум во исхраната можат да помогнат во заштитата на структурата на цревата, велат научниците од Универзитетот Оксфорд.
Тие тврдат дека не постои причина зошто мажите да немаат иста корист од калциумот како и жените, со оглед на тоа што претходните студии во кои биле вклучени мажи покажале сличен ефект на млечните производи врз намалувањето на ризикот од рак на цревата.