Почнува последната недела од Велигденскиот пост: Седум дена тежок пост до вокресението

Фото: Pixabay
435

Утре, 10 април, почнува седмата недела од Велигденскиот пост, која се нарекува Страсна (Страдална, Велика) седмица — последната недела од Христовиот живот. За секој нејзин ден во богослужбените книги се зборува како за голем (велик) и свет ден и во секој од нив, во сите цркви се извршуваат посебни богослужби. Што се однесува до храната, се пости на вода, освен во четврток кога се дозволени масло и вино.

Последната седмица пред Велигден (Пасха) е Страдална или Страстна седмица, Седмица на маките, бидејќи ја претставува последната седмица од Христовиот живот на земјава и секој ден од оваа недела е во спомен на неговите последни денови и се одбележува со посебни и карактеристични богослужби кои се разликуваат од богослужбите во останатите денови од годината.

Претходно, од Велики понеделник до Велика сабота верниците ја поминуваат во строг пост, молитви и покајание. На богослужбите во црквите се потсетува на последните земни денови на Исус Христос, неговото приведување и страдањето на крстот.

Неделата се нарекува „страстна“ според старословенскиот збор „страст“ што значи страдање, трпение и болка и токму вака христијанските верници треба да ја поминат Страдалната седмица. Во овие денови на Страдалната седмица, на трпезата, за храна се употребуваат само суви јадења, а постот трае сè до полноќта на Велика Сабота, односно до завршувањето на велигденската света Литургија. Само на Велики четврток постот се ублажува и се дозволува да се јаде зготвено со масло и се пие вино. Токму тогаш според нашата стара традиција рано наутро, пред изгрејсонце, се вапцуваат и првите Велигденски јајца.

За жал, трендот на поскапување на цените во пресрет на Велигден е уште актуелен иако е во спротивност на она што нашите предци го правеле во минатото, односно, се грижеле за сиромашните, особено за време на овие големи празници.

Затоа, наместо цени до небо, да се надеваме дека тие ќе бидат попристапни барем за време на Велигденските празници.