Подготовката на тестенините воопшто не мора да вклучува повеќе од една тава (ВИДЕО)

Фото: Јутјуб
249

Пред десетина години ги популаризираше Марта Стјуарт, а сега рецептите за најбрзите суви тестенини се повторно во мода.

Тестенините од една тава, попознати како „one pan pasta“ се јадење кое не се подготвувало често во минатото, а се правело исклучиво со свежи тестенини кои се вареле во сос. Тоа беше популаризирано пред десет години од Марта Стјуарт, кога во своето списание објави многу едноставен, но револуционерен рецепт во кој со малку вода во тава подготви суви лингвини со грст свежи домати и уште неколку основни состојки.

Тоа значеше дека готвењето на тестенините повеќе не мора да започне со чекање да зоврие голема количина вода на пламен и не завршуваше со обиди да се измешаат исцедените шпагети со густиот сос, туку сите состојки се динстаа заедно. Рецептот е прилично едноставен, а неговата специјалност е што свежите состојки се ставаат истовремено во еден сад и се прелеваат со малку млака вода. Кога се готви, водата испарува, а скробот од тестенините ја претвора преостанатата течност во вкусен свиленкаст сос.

Американска измислица или сепак, италијанска?

Во последниве години овој начин на подготовка на тестенини станува сѐ попопуларен во светот, особено во Америка, па скептиците, меѓу кои има најмногу Италијанци, секогаш кога ќе слушнат дека тестенините не се готват на вообичаен начин, во длабоки тенџериња полни со зовриена солена вода, се фаќаат за глава. Но, интересно е што на страниците на Марта Стјуарт над овој рецепт пишува дека е инспириран од јадење кое една нејзина колешка го пробала на југот на Италија.
Наводно, станува збор за готвачката и стилистка за храна Нора Сингли, која го посетила малото рибарско село Пешичи на северот на Пуља и вечерала во локален ресторан. Во спонтан разговор со младиот италијански готвач дознала дека неговата мајка ги прави најбрзите суви тестенини на светот, а ги подготвува со малку вода во само една тава. Кога го забележал нејзиниот сомнеж, ја поканил во кујната на ресторанот и десет минути подоцна јаделе вкусна, кремаста паста.

Вирални рецепти

По враќањето во Њујорк, Сингли малку го доработила јадењето и рецептот завршил во добро познато списание, а пред само неколку години благодарение на социјалните мрежи стана вирален. Многу брзо потоа почнаа да се прават суви тестенини во една тава во различни сосови.

Шпагети со чери домати

Ќе ви требаат:

200 гр тестенини
1 чаша чери домати
1 мал кромид
2 чешниња лук
свеж босилек
маслиново масло
сол и црн пипер
вода
Пармезан

Приготвување:

Ставете ги шпагетите во средината на широк сад (садот мора да биде доволно широк за да ги собере цели). Кромидот и лукот исечкајте ги, а чери доматите исечете ги на половини. Во садот до тестенините ставете ги доматите, кромидот, лукот и грст свеж босилек. Зачинете со крупна сол и црн пипер по желба и додадете вода колку да ги покрие зеленчукот и шпагетите. Додадете малку маслиново масло, покријте ја тавата и загрејте на силен оган. Кога ќе зоврие, намалете ја топлината и протресете ја тавата одвреме-навреме. Кога шпагетите ќе омекнат, откријте ја тавата и мешајте од време на време. Ако ви снема вода, додадете малку додека готвите. Јадењето е готово кога ќе се сварат шпагетите, што е неколку минути повеќе од времето за готвење наведено на кутијата за тестенини. Пред сервирање, поросете го јадењето со рендан пармезан, прелијте го со маслиново масло и украсете со свежи листови босилек.