Предизвик за јануари: Веганската плескавица од наут е полн погодок за секое непце

Фото: Pexels
611

Без разлика дали сте тазе вегетаријанец, искусен веган или тврдоглав месојад – оваа плескавица е полн погодок

Наутот е мешунка која секој треба да ја има во кујната. Одличен извор е на протеини, има многу начини за подготовка, а вкусот е секогаш феноменален! Затоа, ви пренесуваме рецепт за веганска плескавица направена од наут, во чиј состав, покрај нашиот принц на мешунките, има и разни зеленчуци. Па, да почнеме со списокот на состојки!

Состојки:
За веганска плескавица од наут ќе ви требаат:

2 лименки наут (нето 400гр)
1 целер, ситно сечкан
1 морков, изрендан
½ среден кромид, ситно сечкан
1 и ½ лажичка лук во прав
½ шолја повеќенаменско брашно
1 лажичка сол
½ лажичка мелен пипер
2 до 3 лажици растително масло (за пржење)

Не е сѐ до плескавицата од леблебија, не треба да ги занемариме ниту состојките за сервирање:

4 лепчиња за бургери и 4 големи листови зелена салата
Прилози, сосови и зачини по ваш избор

Приготвување:
Наутот исцедете го и зачувајте 4-5 лажици од течноста од конзервата.

Изблендирајте го, но не до непрепознатливост. Имено, целта е да се исечка за да се гледаат парченца наут. Ако случајно претерате и од наутот направите каша, имате хумус – што е одлично само по себе затоа што хумусот е фантастичен сос, но ќе треба да трчате до продавница за да купите друг наут ако сакате да јадете хамбургери.

Во поголем сад измешајте го исечканиот наут и останатите суви состојки – целер, морков, кромид, лук во прав, брашно, сол и пипер. Сите убаво измешајте ги додека рамномерно не се распоредат во садот. Количината на сол и пипер може да ја прилагодите по ваша желба, горенаведените мерки се само препорака! Во смесата можете да додадете и други зачини, како што се куркума, кајенски пипер, власец или слатка пиперка.

Потоа измешајте една лажица течност од конзервата наут и повторно добро измешајте ја смесата. Продолжете да додавате по една лажица додека смесата не се соедини: ќе знаете дека можете да престанете да додавате течност кога од смесата ќе формирате плескавици што ќе ја задржат својата форма. Потоа формирајте четири плескавици и ставете ги на плех на кој веќе сте ставиле мрсна хартија.

Следниот чекор е мал трик за да не се распаднат плескавиците за време на готвењето: ставете го плехот во замрзнувач неколку минути за да се врзат состојките и уште подобро да се стврднат плескавиците и подобро да ја задржат формата. Но, не дозволувајте овој трик да ви даде лажно чувство на сигурност – внимавајте со нив кога ги преместувате од плехот во тавата или додека ги превртувате во тавата!
Додека чекате уште малку да се стврднат, загрејте и намастете ја тавата во која ќе ги пржите. Пржете ги плескавиците по 3 до 4 минути од секоја страна додека не добијат убава златна боја.

Послужете ги со прилози и сосови по избор, во лепчиња и со листови салата. Наутот е одлична храна за комбинирање со други вкусови, па ви препорачуваме да ги комбинирате плескавиците со домат, црвен кромид, капери, авокадо, ситно сечкана свежа зелка и вегански мајонез.