Природен лек за изгореници: Што да направите ако изгорите на сонце?

Фото: Pexels
398

Не постои специфичен или совршен природен лек за изгореници од сонце. Едноставно, потребно е одредено време за да се залечи кожата. Сепак, можно е да се ублажат болките, затегнатоста и непријатноста.

Летото ни носи многу активности и дружење на отворено, што лесно може да ја изгори кожата, па секогаш е корисно при рака да имате природен лек за изгореници. За време на сезоната на капење и сончање, УВ зрачењето е најсилно. Прекумерното изложување на сонце може да предизвика изгореници кои предизвикуваат оштетување на клетките на кожата.

Кога тоа ќе се случи, нашето тело иницира одбранбен имунолошки одговор во кој ги уништува оштетените клетки. Слоевите на мртвото ткиво се лупат, така што новите клетки ги заменуваат старите. Во исто време, телото произведува дополнителен меланин – заштитен пигмент кој подобро го апсорбира УВ зрачењето, за да спречи идни оштетувања.

Исцелување изгореници
Изгорениците од сонце обично добро заздравуваат сами по себе. За да се забрза процесот на заздравување, се препорачува одмор, избегнување на сонце, хидратација на телото и навлажнување на кожата.

Изгорениците од прв степен влијаат само на надворешниот слој на кожата. Симптомите вклучуваат црвенило, печење, осетливост и мало затегнување на кожата.

За да ги излечиме благите изгореници, треба да му дадеме време на нашето тело природно да ја замени оштетената кожа. Благите изгореници треба да исчезнат во рок од 3-5 дена.

Потешките изгореници од сонце влијаат на подлабокиот слој на кожата и им треба подолго време за да заздрават. Тие се придружени со појава на плускавци, воспаление, чешање, печење и болна чувствителност на кожата. Во случај на тешки изгореници, кожата почнува да се лупи по приближно 4-7 дена. Важно е да не ги допирате, туку да им дозволите природно да се обноват.

Силното изложување на сонце кое доведува до потешки изгореници може да доведе и до топлотен удар. Топлотниот удар предизвикува симптоми како што се висока температура, вртоглавица, дехидрација, гадење, повраќање и несвестица. Во овој случај, веднаш треба да се јавите кај вашиот лекар.

Изгореници од сонце – природно лекување
Не постои специфичен или совршен природен лек за изгореници од сонце. Како што рековме претходно, едноставно потребно е одредено време за да се залечи кожата. Сепак, можно е да се ублажат болките, затегнатоста и непријатноста.

Ви носиме совети кои се препорачуваат за лекување на изгореници кај деца и возрасни и за полесно заздравување.

Облози со ладен чај
Изгорениците од сонце во основа се воспаление на кожата, а наједноставниот начин за негово лекување е ладење на погодената област. Ставањето ладна облога на кожата е едноставен природен лек за изгореници од сонце. Нанесете ја што побрзо бидејќи значително ќе го намали непријатното чувство на печење и затегнатост на кожата.

Доколку е потребно, сварете еден литар црн чај, чај од нане или камилица и изладете го. Натопете чиста крпа во чајот и нанесете ја на погодената област за моментално ублажување на болката и смирување на непријатноста.

Танинската киселина во црниот чај го црпи вишокот топлина од кожата и помага да се врати рамнотежата на pH вредноста, што го прави добар природен лек за изгореници од сонце.

Можете да додадете мента во црниот чај за подобар ефект на ладење. Нанесете кесички чај од нане натопени во ладна вода на очните капаци за да ги смирите изгорениците и да го намалите воспалението во таа област.

Изгореници кај деца – природен лек
Користете чај од камилица за изгореници кај деца за ублажување на симптомите. Бидејќи чајот е сосема природен, тој е вистински домашен лек за лице.

Природна терапија со ладна бања
Подгответе ладна бања во када за да ја изладите и смирите кожата изгорена од сонце. По желба можете да додадете:

една чаша јаболков оцет – оцетот ја балансира pH вредноста на кожата и го промовира нејзиното заздравување
една чаша овесни снегулки – овесот ја смирува иритацијата, го намалува воспалението и ѝ помага на кожата да ја задржи природната влажност
неколку супени лажици сода бикарбона – ги ублажува иритацијата и црвенилото.
Потопувањето во ладна бања за време од 15-20 минути помага да се намали оштетувањето од сонцето.

Хидрирајте ја кожата со гел од алое вера
Ако не знаете што да нанесете на изгорениците, посегнете по гелот од алое вера! Ова растение содржи лековити растителни материи кои го намалуваат воспалението, хидрираат и го спречуваат лупењето на кожата, па затоа секогаш се препорачува во хербалната медицина како природен лек за изгореници.

Гелот во ова чудотворно растение од семејството на кактуси со векови се користи за секакви тегоби, од стомачни до инфекции на бубрезите. Исто така е одличен лек за изгореници бидејќи ја ублажува непријатноста, ја намалува болката, го забрзува заздравувањето и ја навлажнува и регенерира кожата.

Отсечете парче од листот на растението и нанесете го гелот директно на кожата за моментално, смирувачко олеснување. За изгореници кај децата, алое верата е најдобриот природен лек бидејќи го намалува чешањето и воспалението.

Можете да го користите и орално за дополнителна хидратација на телото и за неговите безброј придобивки.

Ако не можете да го најдете растението, можете да најдете 100% гел од алое вера во повеќето аптеки.

Помогнете си со намирници од фрижидерот
За лекување на изгореници во народната медицина се препорачуваат ладно млеко, јогурт или краставици.

Нанесете облогс од ладно млеко на кожата. Млекото ќе создаде протеински филм кој помага во ублажување на непријатноста од изгореници од сонце.
Како млекото, така и јогуртот е природен лек бидејќи го забрзува заздравувањето и ја смирува иритираната и оштетена кожа.
Краставицата има природни антиоксидантни и аналгетски својства. Ја ублажува болката, а бидејќи ја лади и кожата е познат природен лек против изгореници. Изладете ги краставиците и изблендирајте ги во блендер за да направите паста. Нанесете ја пастата на погодената област, држете ја околу 25 минути и измијте ја со ладна вода.

Третирајте ја кожата со хидратантни креми
По првичниот третман, на вашата кожа сè уште ќе ѝ треба нега. Една од најважните работи што можете да ги направите за да го спречите или минимизирате лупењето на кожата е редовно да нанесувате хидратантна крема на погодените области.

Природните креми за чувствителна или детска кожа на база на хамамелис, камилица, кантарион или невен се идеални бидејќи ја регенерираат кожата, го намалуваат воспалението и помагаат во ублажување на црвенилото и изгорениците од сонце.

Избегнувајте путер и каладонт!
Иако путерот се препорачува како еден од многуте домашни лекови за изгореници што многумина го користат како прва помош, тој треба да се избегнува бидејќи ќе го одложи заздравувањето. Имајќи предвид дека е неопходно да се изладат изгорениците од сонце, путерот ќе ја зароби топлината под слоевите на кожата и дополнително ќе ја загрее.

Каладонтот за изгореници ќе го има истиот ефект и двата само ќе го продолжат процесот на заздравување.

Најдобар крем за изгореници – домашен рецепт
Овој едноставен, смирувачки мелем прави чуда при изгореници од сонце. Домашната крема содржи природни состојки кои можат да ги користат и децата и возрасните. Таа помага да се отстранат топлината, црвенилото и ја навлажнува кожата. Ја ублажува непријатноста и ги лекува изгорениците благодарение на етеричното масло од кокос, алое вера и лаванда.

Кокосовото масло е најдоброто масло за изгореници бидејќи има ефект на ладење и регенерирање на кожата, како и гелот од алое вера. Со комбинирање на овие две состојки ќе добиете фантастична, хидратантна и хранлива крема против изгореници. Додавањето на есенцијално масло од лаванда дополнително помага да се смири воспалението и да се забрза регенерацијата на кожата.

Состојки:
1/4 чаша кокосово масло (екстра девствено)
1/4 чаша гел од алое вера
10 капки есенцијално масло од лаванда.

Приготвување:
Измешајте еднакви количини кокосово масло и гел од алое вера.
Додадете 10 капки масло од лаванда.
Измешајте ги сите состојки додека не добиете кремаста текстура.
Добиениот крем чувајте го во мали, стерилни тегли.
Чувајте го овој домашен крем при рака цело лето, дома или во вашата чанта за плажа. Користете го за целото семејство, за ладење и заздравување на кожата после сончање.